Премиерот Ковачевски: Среќна Нова 2023, продолжуваме заедно и посветено да работиме на забрзан економски раст, подобар животен стандард и европска иднина на земјата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на сите граѓани им ја честита Новата 2023 година, посакувајќи им многу здравје, успех и убави моменти поминати со најблиските. Во честитката до граѓаните, премиерот изразува верба дека годината пред нас ќе биде подобра, во која продолжуваме напорно да работиме за да ја зајакнеме економијата, да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните, да обезбедиме просперитет, достоен за земја која го чекори својот пат кон Европската Унија, стои во честитката на Ковачевски.

„Зад нас оставаме тешка година полна со многу предизвици и многу неизвесност, со тешки и критични моменти наметнати од економската и енергетската криза. Ветивме дека никој нема да биде оставен сам, и ветувањето го исполнивме. Спречивме ценовни шокови, обезбедивме стабилна и евтина струја од домашно производство за сите домаќинства и мали компании, ги поддржавме работниците, бизнис заедницата, пензионерите, ранливите категории граѓани. Ги зголемивме минималната и просечната плата, но и платите во образованието, здравството и во безбедносните сектори. Го заштитивме стандардот на сите граѓани, ги одржавме компаниите ликвидни и со тоа ги заштитивме работните места. Обезбедивме доволно храна, струја и топлина за сите.“

Премиерот Ковачевски во честитката се осврна и на отпочнувањето на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

„Донесовме и тешки, но државнички одлуки и после три децении, започнавме преговори за полноправно членство во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. Денес седиме гордо на големата маса во Брисел и директно учествуваме во одлуките кои се однесуваат на нашата европска иднина.  Во новата 2023, сите заедно да продолжиме да ја градиме европската иднина на земјата. Затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во ЕУ, но тука, дома во Северна Македонија. Заслужуваат да живеат во земја дел од сојуз со врвна демократија, социјална правда, владеење на правото и забрзан економски развој. Граѓаните заслужуваат да имаат подобар и побогат живот.“

Премиерот во новогодишната честитка посочи дека со поддршка од граѓаните, продолжува посветената работа на спроведување активни мерки, политики и закони за справување со кризата, но и за натамошен севкупен напредок на државата.

„Со јасна визија и со напорна работа, нема недостижна цел“, истакна премиерот Ковачевски, посакувајќи им на граѓаните среќни празници.