Премиерот Груевски го посети СОС Детското село

Премиерот Никола Груевски и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска го посетија СОС Детското село Македонија и на дечињата им врачија новогодишни пакетчиња.

Во СОС Детското село Македонија се згрижени 61 дете и 31 младинец од 15 до 19 годишна возраст.

- Изминатата година ја одбележавме со одлична соработка со СОС Детското село. Почнавме финансиска поддршка на сите згрижувачки семејства ангажирани во Детско село и така ќе продолжиме. Почнавме и една современа и квалитетна програма за едукација на згрижувачките семејства во Македонија, во соработка со Детско село, изјави министерот за труд и социјална политика Спасов. 

Досега, додаде, се обучија над 40 згрижувачки семејства, 20 обучувачи на потенцијални згрижувачки семејства со што се покажува и успехот на кампањата што стартуваше оваа година за зголемување на бројот на згрижувачките семејства. 

Извршната директорка на СОС Детското село Македонија Јулијана Гапо му заблагодари на премиерот Груевски за подршката од Владата потсетувјаќи дека изминатата година 12 семејства официјално станаа згрижувачки семејства односно се стекнаа со надомест.

Таа посочи дека освен згрижувањето деца, СОС Детското село реализираа и проект за лиценца за згрижувачи. Во негови рамки функционираат и социјални центри за семејство во ризик. 

Една од штитеничките на СОС Детското село која веќе работи во Министерството за надворешни работи и заблагодари на Владата за сите напори вложени за помош на децата згрижени во вакви семејства и на децата без родители. 

Како благодарност за поддршката, СОС Детското село Македонија на премиерот Груевски му врачи пригодна плакета, а децата во чест на гостите изведоа новогодишна претстава.