Владата ќе овозможи бесплатни туристички викенди за пензионерите

Кон средината на јануари ќе биде објавен огласот за пријавување за користење бесплатен туристички викенд за пензионери, најави денеска премиерот Никола Груевски по промоцијата на нови дела од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“. 

Проектот, посочи премиерот, е дел од изборните ветувањаи ќе се реализира во 2015 година, но доколку има интерес ќе продолжи и во иднина.

- Се работи за полн аранжман од петок навечер до недела, престој во некој од туристичките центри во Mакедонија дали е тоа Охрид, Преспа, Дојран, Крушево, Берово и др. Така да пензионерите ќе можат да аплицираат и се надевам дека од проектот ќе бидат задоволни, изјави Груевски.

Со овој проект е предвидено да се опфатат околу 3.000 пензионери.

- Истовремено ќе биде објавен и конкурсот за бесплатно испраќање на бањи за 5.500 луѓе, истакна Груевски, потсетувајќи дека досега 27.500 пензионери ја искористиле услугата за бесплатно бањско лекување.