Груевски: Потребни се квалитетни трудови за да бидат објавени во реномирани списанија

Со примена на државниот испит очекувам универзитетските професорите активно да пишуваат и испраќаат свои трудови во реномирани светски списанија, кои за да бидат објавени треба да бидат квалитетни, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

- Некој може 10 да напише и сите да му ги одбијат, да не ги примаат во тие реномирани списанија што се со импакт фактор и се дел од веб оф сајанс и тука е нивната грижа. Делумно е заради напорот што треба да го даваат и да пишуваат, да креираат нова научна мисла. Тоа  е едниот проблем, веројатно една третина од проблемот. Две третини е откако ќе ги напишат да им ги прифатат дека се релевантни, квалитетни на меѓународно ниво. Има многу што им ги одбиваат и по пошта им ги враќаат, бидејќи не е доволно квалитетно за да се објави во едно такво реномирано списание, рече Груевски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови дела од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“.

Доколку, како што рече, се посветат на работата и вложат многу труд уверен е дека Македонија има потенцијал да стане поконкурентна на меѓународен план во делот на научната мисла, пред се, на универзитетските професори.

- Затоа е потребен овој закон, затоа што сме на дното, на опашката во Европа во овој дел и затоа е револтот кај професорите. Ги разбирам, но не се согласувам со нив. Кога веќе решиле да бидат професори треба да произведат квалитет, научна мисла, да работат и не треба да бегаат од тоа, бидејќи тоа го прават нивните колеги во сите земји, многу повеќе одколку тие, изјави Груевски. 

Во Словенија, додаде тој, 10 или 12 пати повеќе отколку во Макеоднија се издаваат научни трудови прифатени во овие меѓународни релевантни списанија.