Груевски-Давутоглу: Очекуваме трговска размена од милијарда долари

Економските односи треба да ги следат одличните политички релации меѓу Турција и Македонија. Очекуваме трговската размена која сега изнесува околу 450 милиони долари во многу скоро време да достигне милијарда долари, истакнаа на денешната заедничка прес-конференција турскиот премиер Ахмет Давитоглу и неговиот домаќин, претседателот на македонската Влада Никола Груевски.

- Тоа што според увозот Македонија е осма, а по извоз 13. е апсолутно неприфатливо за мене. Не прифаќам ни да бидеме втори, а не пак меѓу првите 10 со оглед на одличните политички односи меѓу нашите две држави. Одличните политички односи мора да се рефлектираат со соодветна трговска размена. Министрите за економија ќе разменат мислења на ова поле и ќе ги видат суштинските можности за зголемување на соработката, вклучувајќи го тука и земјоделството и можноста за извоз во Турција. Ќе бидеме во постојан контакт посебно во однос на вложување во слободните индустриски зони во Македонија и заголемување на македонскиот извоз во Турција, рече Давутоглу.

Според него, со отвореноста за инвестиции и олеснувањата кои ги нуди Македонија, а имајќи го предвид договор за слободна трговија, Турција може да биде меѓу првите пет земји, а потоа и меѓу првите две земји според обемот на трговската размена. Лани била 470 милиони долари, за првите 10 месеци од годинава изнесува 375 милиони долари, а се очекува до крајот на годинава да достигне околу 450 милиони. Давутоглу очекува и раст на турските инвестиции во Македонија кои досега изнесуваат 1,5 милијарди долари.

Според премиерот Никола Груевски, целта за трговска размена од милијарда долари е можно да се постигне, а кога ќе се случи тоа не зависи само од премиерите и министрите, туку и од бизнисмените.

- Во 1999 година кога бев министер за трговија го покренав прашањето за потпишување договор за слободна трговија со Турција. Почнаа преговорите и во период од година дена се потпиша договорот. Тогаш размената меѓу Македонија и Турција беше 50 милиони долари. Денеска е речиси десеткратно повеќе и напредокот е огромен. Тоа доста ни помогна. Секако, помогнаа и одличните политички релации помеѓу двете држави што ги охрабрува бизнисмените да вложуваат во едната или во другата држава. Тие политички релации и тој договор се уште се присутни и ќе продолжат да се применуваат, рече Груевски.

Тој посочи дека дополнително на тоа Владата прави напори да им ги доближи на инвеститорите информациите за можностите за правење бизнис во Македонија.

- Тоа јас го направив двапати со посета на повеќе градови во Турција истовремено примајќи и многубројни бизнис-делегации на коишто им одговорив на многу прашања. Ние и понатаму ќе продолжиме да вложуваме напори со кои ќе им помогнеме на компании од Турција кои планираат да го прошират својот бизнис надвор од Турција. Со оглед на тоа дека и бројот на турски туристи е значајно зголемен, постојат одлични претпоставки за понатамошен развој на економските релации, а тука влегува и зголемувањето на извозот од Република Македонија, рече Груевски.

Турскиот премиер Давутоглу истакна дека Турција останува и силен поддржувач за членството на Македонија во НАТО.

- Сакаме Македонија да биде што поскоро членка на Алијансата. Никој како Турција не ја поддржува Македонија на тој пат. За стабилност на регионот земјите од Балканот треба да бидат под чадорот на НАТО. За време на Самитот во Чикаго на една вечера излагањето го започнав со изјавата дека јас сум од Македонија. Тоа е голема поддршка за Македонија од Турција и таа ќе продолжи како и досега. Се надеваме дека Македонија ќе го заземе своето место што поскоро, рече Давутоглу.

На оваа своја возвратна посета на Македонија, по посетата на премиерот Груевски на Турција во септември, Давутоглу рече дека посакува овие средби на највиско ниво да продолжат да се реализираат барем еднаш годишно. Тој особено ја подвлече културната и историската блискост меѓу двата народа и значењето на  културните центри на двете земји кои треба да бидат отворени.

Во делот на образовната соработка премиерот Груевски го подвлече значењето на стипендиите од Владата на Македонија за македонски студенти за изучување на старотускиот јазик со цел проучување на турските архиви.

Давутоглу е на чело на турската делегација која ја сочинуваат и заменик-премиерот и министрите за надворешни работи, за економија и за здравство. 

Во рамки на посетата турскиот премиер Давутоглу вчера имаше средби со невладиниот сектор и партиите од турската заедница. Денеска се сретна со бизнисмените од Турција кои инвестираат во Македонија, а покрај средбата со премиерот Никола Груевски попладнево ќе се сртене и со претседателот Ѓорге Иванов.

Предвидено е Давутоглу попладнево во МНР да се обрати пред македонските дипломатски претставници кои учествуваат на годишниот состанок на Амбасадорскиот совет