Предлог - законот за безбедност во ообраќајот го мина владиниот филтер

На денешната отворена седница Владата го прифати Предлог-законот за безбедност во сообраќајот.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека се прават напори за една посериозна реформа во делот на сообраќајот. Голем дел од законот е усогласен со европски директиви, коишто постојано се менуваат. 

- Законот беше на јавна дебата односно ставен на ЕНЕР 78 дена односно од 2 октомври па се до пред два дена. Прифативме дел од сугестиите што пристигаа до нас формално или неформално. Еве на пример велосипедистите излегоа со некои предлози кои им беа прифатени, рече Јанкулоска.

Во однос на правилата за безбедност во сообраќајот, Јанкулоска рече дека се одело на допрецизирање и одредено зголемување на казните, како и скалесто поставување на казните.

- Кај употребата на мобилни телефони, ја оставивме онаа можност да се користат  средства кои нема да му пречат на возачот како што се хендсфри, безжични  телефони и друго, но на пример предвидовме глоба и за лицата кои се превезуваат со возачот, а му го одземаат вниманието. Посебно кај помладата популација често се случува ова, рече министерката. 

Во делот на брзина освен она стандардно ограничување на брзината, предвидено е брзината во населено место да изнесува 50 наместо како досега 60, а по исклучок 170 километри на час. 

- Брзината е најчестиот причинител за сообраќајни несреќи. Една анализа ни покажа дека дел од реакциите на граѓаните можеби „држат“, рече Јанкулоска.

Дел од забелешките на граѓаните се однесувале на тоа што глобата е иста и за пречекорување на брзината од 5 километри на час и за 100 километри на час.

- Тука направивме градација. Сега една е казната за тие што поминале до 50 километри над дозволеното, друга за тие до 70, тука е скалеста казната и освен паричната казна оставаме можност за негативни поени. Со сто негативни поени се одзема возачката дозвола. Кога се движи возачот со брзина поголема од 50 километри на час од предвидената тогаш возачот добива 65 негативни поени и му остануваат уште многу малку поени, рече министерката.

Информираше дека  предвидено е разграничување на брзината за оние коишто професионално вршат превоз на патници. Јанкулоска посочи дека не е иста одговорноста на оние коишто превезуваат во автобус деца и некој кој сам лично се превезува со сопственото возило. - И таму сме доста построги, додаде Јанкулоска. 

Доуредени се членовите кои се однесуваа на застанување како на пример на плоштад, на пешачка зона и тн. по барање на општините. 

За велосипедистите Зо законот е предвидено задолжително бело светло за велосипедот, ката диоптери со црвена боја, рефлектирачка лента, кацигите се препорачуваат, но нема да бидат задолжителни. 

Исто така е овозможено да се дорегулира транспортот на пари кога се врши од приватното обезбедување. 

Јанкулоска смета дека можеби најважната реформа која што се воведува со овој закон се повисоките стандарди што треба да ги поседуваат автошколите, испитните центри и воопшто знаењето на идните возачи. 

- Предвидуваме лиценцирање на стручниот кадар, и целосен нов систем во испитните центри, рече Јанкулоска.