Спасов: Ќе се реализираат два нови проекти за поддршка на децата со пречки во развојот

Реализација на два нови проекти за помош и поддршка на децата со пречки во развојот најави денеска на отворената владина седница министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. 

Првиот предвидува зголемување на паричниот додаток за родителите кои имаат деца со пречки во развојот, а се приматели на социјална или постојана парична помо, а вториот за паричен надоместок за родителите на деца со Даунов синдром. Со цел да можат да се реализираат проектите кои се во Програмата на Владата, предвидени се измени на Законот за заштита на децата.

- Воведуваме зголемување на месечната парична помош што се дава на родителите кои имаат деца со пречки во развојот, но се материјално необезбедени, во потешка финансиска состојба, односно оние кои се корисници на постојана и социјална парична помош. Вкупно има 1.131 ваков родител, а за реализација потребни се и обезбедени во Буџетот 13 милиони и 490 илјади денари, рече Спасов.

Дополнително, рече, се решава уште еден горлив проблем кој произлегол како резултат на средбите со родителите кои имаат деца со Даунов синдром.

- Досега не сите родители остваруваа парична помош за деца со Даунов синдром. Добиваа оние родители кои имаат деца со Даунов синдром, но и комбинирани пречки во развојот, какви се 180 дечиња. Меѓутоа помош не добиваа 88 родители на деца кои се категоризирани како деца само со Даунов синдром. Со овие измени и дополнувања на Законот за заштита на децата ја воведуваме како категорија и категоријата деца со Даунов синдром, што значи дека во јуни ќе почнат да остваруваат парична помош и родителите на овие деца, рече Спасов

Додаде дека за оваа намена се издвоени средства во висина од  18 милиони денари.