Ристовски:Зголемување на стандардите во образовниот систем на сите нивоа

Заменик-министерот за образование Спиро Ристовски денеска потсети дека во текот на вчерашниот ден Владата усвои пакет од вкупно 5 нови развојни предлог законски решенија, односно нови закони или измени на постојните, кои генерално се конципирани врз основа на позитивните практики и искуства во далеку поразвиените земји и репери на глобалниот образовен простор.
Тој нагласи дека се предлага на јавна расправа да се разгледаат еден сет на мерки коишто треба да бидат пред се стимулативни заради подобрување на образовниот систем.
Ристовски најпрво се осврна на Предлог-законот за  реформи на педагошките факултети во којшто се предвидува комплетна нова уписна политика на педагошките факултети.
- Прво и основно согласно предлогот нема да може ученик којшто имал под четири просек во средно образование воопшто да конкурира за упис на педагошки факултети. Значи целта ни е да ги таргетираме најквалитетните ученици, нагласи заменик-министерот за образование.
Целта е, потенцира, најквалитетните ученици да учат на Педагошкиот факултет четири години  и да можат во тој период додека учат  да ги стекнат сите квалификации  затоа што тие се оние коишто потоа ќе ги образуваат идните генерации што треба да ја развиваат  Република Македонија.
- Република Македонија не е земја со природни богатства и ресурси, туку е земја којашто мора на вкупниот пазар, на светскиот пазар да се понуди и да се бори на ниво на знаење. Токму заради тоа ние пристапивме кон еден сет мерки и реформи коишто  треба да бидат спроведени во следниот  период. Ако во изминатиот период  честопати слушавме коментари дека не секогаш најдобрите ученици се запишуваат да студирааат на педагошките факултети. Ако бевме сведоци дека на педагошките факултети имавме по три уписни рока и никогаш не беа пополнети квотите, некако сите пробуваа на сите други факултети па на крај ако не успеат  се запишуваа на педагошките факултети. Ние како Влада одлучивме дека навистина мора да се посветиме многу јасно над сите овие сегменти на образованието, појасни Ристовски.
Предвидено е за најквалитетните студенти што ќе се запишат на реформираните педагошки факултети  50 проценти или  во реалност  негде околу 11.000 денари стипендија додека тие студираат на педагошките факултети  со обврска да имаат над  осум просек.
Се предвидува, посочи, да се учи од светски најпризнатата литература на овие факултети  и стандарди по коишто тие во овие следни четири години ќе се образуваат за да потоа се надоврзиме со другиот закон со воведувањето  на академија за наставници .
По принцип на академија за судии  и обвинители ќе се воведе посебна академија за наставници.
- Потенцијалните наставници по завршувањето на четиригодишното образование на педагошките факултети  најквалитетните ќе треба да отидат една година на педагошка академија или академија  за наставници каде што ќе се специјализираат за области и начинот на којшто ќе ги спроведуваат  дополнително сите свои предавања, рече заменик-министерот за образование, додавајќи оти ова важи за сите идни генерации  односно новозапишани студенти.
Оние коишто сега студираат, истакна тој, може да продолжат  да студираат по старата програма.
Според Ристовски, битно е да се истакне дека во периодот додека студентите ќе бидат на таа една година на академија ќе примаат стипендија во износ на  просечна плата значи  некаде околу 21.000 денари во реалност во овој момент.
- Ќе видиме како ќе биде во следните години. Паралелно,  како стимулативна мерка, во рамки на предлогот на закон, стои можност кој сака од постојните наставници  доброволно да се пријави на обука една година дополнителен  тренинг и обука во рамки на Академијата за наставници. На обуките во академијата тие доколку ги поминат и се лиценцираат тоа ќе биде  стимул повеќе за нив, ќе бидат лиценцирани согласно новите правила и ќе добијат планирано покачување  три илјади денари на нивната плата, рече Ристовски.
Станува збор за стимулативна мерка. Значи да не биде декасамо за новите наставници потенцијални ги  воведуваме овие можности, воведуваме можности за другите коишто се актуелен наставнички кадар  да може  до се подготват , дообучат за новите програми и она што се тековни реформи коишто се случуваат  и следење на сите европски текови, а згора на се  и да добијат како  резултат на тоа покачување на плата.
Донесен е и посебен предлог-закон за тоа кој може да биде директор на основни училишта, а комплетно се уредува процедура за тоа каков профил, низ какви процедури  и какви обуки треба да помине лицето, менаџерски, работа со финансии, работење врз основа на  легислатива за да потоа  помине низ три филтри на полагање за да конечно добие статус  на директор.
- Ние во минатато  бевме сведоци на голем број пропусти  на нецелосно или неквалитетно менаџирање на состојбите  во дел од училиштата, па  врз основа на тоа ни се појавуваа извесни  проблеми околу неправилно  менаџирање со средства, недостаток на нафта, исклучување на струја. Значи  сето тоа ќе биде сега во овој сегмент регулирано во законот  и ќе се знае многу јасно и недвосмислено кои услови треба да ги исполнува едно лице за да може да стане директор  на училиште. Тоа е третиот закон, изјави заменик-министерот Спиро Ристовски.
Четвртиот закон, потенцира, е закон што се однесува на високо образование, а  чии во рамки не е само измената каде што се нуди државниот испит како системска проверка на квалитетот  на образованието, туку има и повеќе  други измени .
Тој ги истакна измените коишто се однесуваат на  фактот дека со последните измени на Законот за високо образование се воведуваат дополнителни критериум, се предлагаат прво и основно само петте најдобро рангирани  универзитети  во РМ ќе може да обезбедуваат трет циклус односно  докторски студии.
Покрај измените во делот на докторските односно третиот циклус на студии се воведува посебен испит  стручен и лингвистички односно во делот на познавање на јазикот на студии за студентите коишто сакаат да студираат во Република Македонија.
- Ние мораме во најголем дел да ги следиме европските и светските трендови  и да обезбедиме вистински квалитети на студентите коишто доаѓаат  од странство и студираат во Република Македонија, рече Ристовски.
Третиот сегмент, посочи, е измената  која што се однесува на државниот испит. 
- Ние како Влада многу јасно и транспарентно го понудивме ова решение  и посочивме дека нашата единствена цел  е зголемување на квалитетот во  високото образование.  Вакви државни испити постојат во голем   број европски земји. На еден или друг начин. На сличен модел или модел близок  до овој којшто ние го понудуваме, но суштината е дека  постојат и дека тоа  е системска мерка  која што државите ја воведувале, појасни тој.
Честопати, подвлече, ги коментиравме во изминатиот период  земјите од Вишеградската  група. Меѓутоа, колку за илустрација, појасни, Чешка  и Словачка тоа го имаат уште како остаток од Австроунгарија.
За оваа предлог мерка, според Ристовски,  ќе се спроведе јавна дебата во која ќе бидат вклучени универзитети, професори, синдикатот и секако  студентите. Меѓутоа, истакна тој, многу е битно да имаме прогресивна дебата која што треба да резултира со квалитетни решенија коишто треба да донесат  подобрување на квалитетот на високообразовниот систем. Значи, подвлече, не треба да ги одбиваме идеите коишто треба да се обидеме да донесат  прогрес во општеството.
- Ние како Влада и како политичка структура сме свесни дека можеби на кракот рок ваквите  решенија очигледно исполитизирани  изминатите денови, иницијативи се случуваа нас да ни донесат негативни политички поени  на краток рок. Меѓутоа, верувајте тоа во моментов не е најбитно, за нас е  најбитна целта која што сакаме  да ја постигнеме со овие крупни реформи,  а тоа е зголемување на стандардите во Република Македонија на образовниот систем на сите нивоа, а тоа да обезбеди во перспектива економски раст и развој воопшто на државата на сите нивоа, порача заменик-министерот за образование.