Премиерот Груевски се сретна со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ Астрид Торс

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 11.12.2014  година) оствари средба со г-ѓа Астрид Торс, Висок комесар за национални малцинства на Организацијата за безбедност и соработка во Европа(ОБСЕ).

Соговорниците дадоа позитивна оценка за досегашната соработка и истакнаа заложби за нејзино унапредување и во иднина во сферите од заеднички интерес.

Стана збор за имплементацијата на Стратегијата за интегрирано образование, при што беше истакната заедничката посветеност за спроведување на мерките и активностите кои се содржани во неа.

Премиерот Груевски ја запозна соговорничката со реформите кои се спроведуваат за унапредување на стандардите во повеќе општествени сфери и состојбите во насока на унапредување на довербата помеѓу етничките заедници.

Г-ѓа Торс ја истакна посветеноста на ОБСЕ во остварувањето на соработка во областа на реформите и давањето придонес за напредокот на Република Македонија.

На средбата стана збор и за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор на централно и на локално ниво и неговото значење за унапредување на општествените сфери.

Соговорниците разговараа и за активностите за континуираното унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.