Ново повеќенаменско спортско игралиште во Радовиш

Општина Радовиш доби ново повеќенаменско спортско игралиште, инвестиција на Владата преку проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта што се реализира преку Агенцијата за млади и спорт.

Ова е петто игралиште кое се гради во оваа општина преку овој проект, а официјално во употреба го предадоа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот на Радовиш, Сашо Николов.

- Вложувањето во спортската инфраструктура е посебно добро особено кога се инвестира во најмладата генерација. Изградбата на вакви игралишта веќе претставува препознатлив бренд на Владата и сигнал за изградба на децата во здрави личности, изјави Ставрески на отворањето на игралиштето.

Најави дека ќе се продолжи со изградба на ваква спортска инфраструктура, како и на други инфраструктурни проекти кои се значајни за подобрување на условите за животот на граѓаните. Во општината се планирани изградба на пречистителна станица, регионални патишта, експресен пат Радовиш – Штип.

Директорот на АМС Маријан Спасески истакна дека ова е 33 повеќенаменско игралиште кое се пушта во употреба од вкупно предвидени со проектот 100. Наведувајќи ги проектите во спортот кои се финансираат од Владата преку Агенцијата, рече дека се заокружува концептот за создавање здрава младина која ќе биде отргната од пороците. Порача дека ова игралиште ќе биде нов спортски дом за сите млади и талентирани спортисти од оваа општина.

Градоначалникот Николов рече дека Општината не само што инвестира во спортска инфраструктура, туку финансиски ги поддржува и спортските клубови кои егзистираат на нејзината територија.