Пуштено во употреба повеќенаменско игралиште во Василево

Повеќенаменско игралиште, дел од владиниот проект за изградба на 100 игралишта во Република Македонија, денеска е пуштено во употреба во селото Ангелци, општина Василево.

Официјално во употреба го пуштија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот на Општина Василево, Ванчо Стојанов.

Повеќенаменското игралиште (32 од вкупно 100) се простира на површина од 1.340 метри квадратни изградено со сите стандарди, а инвестицијата е 7 милиони денари на Владата преку Агенцијата за млади и спорт.

Вицепремиерот и министер за финансии потенцира дека ова е реализација на ветување од пред изборите.

- Се сеќавам на денот кога ги поставивме темелите и колку критики имаше дека се прави заради избори. Но, ние остануваме на ветувањето и ова е резултат кој ќе остане тука за децата од Ангелци, кои се приоритет за Владата, рече Ставрески.

Според него, со ова се создаваат подобри услови од она што ги имало порано и подобри услови за сите идни генерации.

- Игралиштето ќе создаде таленти на кое децата ќе се дружат, ќе се борат и ќе знаат да истрпат порази. Секогаш сум задоволен кога правиме нешто подобро за нашите граѓани, а уште повеќе кога станува збор за децата, додаде Ставрески.

Според директорот на Агенцијата за млади и спорт игралиштето ќе биде максимално искористено од децата од ова село.

- Агенцијата за млади и спорт реализира повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои и проектот за изградба на 35 спортски сали, од кои 32 се веќе пуштени во употреба, потоа проектот за 50 помошни фудбалски игралишта, проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта и доизградба на теренски терени, рече Спасевски и додаде дека по овие проекти сигурно се менува спортската мапа на Македонија.

Поставен е камен-темелник на повеќенаменско игралиште во село Седларци, општина Василево, кое треба да биде готово за три месеци. Вредноста изнесува 2,5 милиони денари, а парите се обезбедени од Општина Василево.

Покрај повеќенаменското фудбалско игралиште во Ангелци до него се гради и двоен тениски терен кој, според градоначалникот Стојанов, заедно со паркот што го изградила општината ќе го претвори просторот во една спортска арена.