Државата ќе вработи уште 30 деца без родители

Министерството за труд и социјална политика денеска ќе објави оглас за вработување на 30 лица кои до 18 годишна возраст имале статус деца без родители и родителска грижа во рамки на програмата Д 10. Од триесетте вработувања 15 се за лица со завршено високо образование, а 15 со средно образование. Огласот ќе биде отворен во наредните 20 дена, а на него можат да се пријават сите заинтересирани кои до 18 годишна возраст имале ваков статус. 

- Подршката на државата за овие лица е континуирана и сеопфатна, почнувајќи од периодот на детството па се до вклучувањето на пазарот и трудот и вработувањето. Обезбедувањето на лична егзистенција преку вработување и интегрирање во општествениот живот е најважен чекор за овие лица. Како Министерство, го потикнуваме нивното директно вклучување на пазарот на трудот. Во оваа смисла клучен е проектот Д-10, којшто е насочен за вработување на децата без родители и родителска грижа, односни лицата кои имале таков статус до 18 години за вработување во државната и во јавната администрација, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. 

Тој ги повика сите заинтересирани лица кои до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и без родителска грижа, и коишто  ги исполнуваат условите и критериумите наведени во огласот, да аплицираат во наредните 20 дена за добивање на соодветен работен ангажман во зависност од нивните квалификации.

Додаде дека постапката за вработување ја спроведува Министерството ја спроведува согласно Законот за државни службеници, и за таа цел, како што рече, ќе ги извести центрите за социјална работа со цел навремено да се информираат  сите лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа за објавениот оглас. заинтересираните повеќе информации можат да добијат на страницата на Министерството www.mtsp.gov.mk, како и на сајтот на Агенцијата за администрација.

Преку оваа програма во 2013 година се вработиле вкупно 83 лица коишто имале статус на деца без родители и родителска грижа до 18 години во јавната администрација.

Тој ги спомена и другите мерки кои владата ги спроведува за оваа категорија, со кои, како што посочи, дополнително им се нуди помош и подршка. 

- Во таа смисла после напуштањето на Домот за згрижување секое лице кое наполнило 18 години добива еднократна парична помош од 3000 евра, сума значително повисока од порано, а за да им се овозможи услови за продолжување на образованието на додипломски и постдипломски студии, Министерството за труд и социјална политика им доделува по од 12 до 24 илјади денари месечна парична помош, која ја користат 137 студенти, доделени се 134 социјални станови, 20 се во фаза на обработка, рече Спасов.

Потенцира дека дополнително, 34 вработувања за лица со ваков статус се обезбедени  преку посебна мерка на Агенцијата за вработување на Република Македонија за субвенционирање на вработување на лица коишто имале статус на деца без родители и родителска грижа.

Министерот Спасов најави дека Владата и натаму ќе продолжи со реализација на мерки и активности за поддршка на оваа категорија лица.