Груевски: СДСМ не напаѓаат во здравството оти немаат одговор каде оделе парите во нивно време

Со системски промени во многу делови направени се вкупно околу 14 милиони евра заштеда без при тоа да се нанесе каква било штета на граѓаните и на здравствениот систем, нагласи во обраќањето премиерот Никола Груевски на конференцијата на Унијата на жени на ВМРО - ДПМНЕ денеска во Скопје.

Според него, има уште многу да се работи, но, подвлече, здравството е предизвик во секоја држава, дури и во најразвиените земји.

Тој истакна дека се силно фокусирани на реформите во здравството, а досега, рече, има огромен напредок и во набавката на опрема и во системските промени и во градбата и реконструкцијата на здравствените објекти.

- Досега изршивме намалување на цените на над 3 илјади лекови, некаде и до 80 проценти. Со паралелен увоз на лекови направивме заштеда од  5,8 милиони евра, со ставење ред и транспарентност во набавката на инсулинот уште 3,6 милиони евра, а третиот тендер што е во тек за набавка на лекови, кога повторно имаме паралелен увоз, очекуваме заштеда од 3 до 4 милиони евра, рече претседателот на Владата, додавајќи оти 30 милиони евра годишно граѓаните имаат заштеда од намалувањето на цената на овие лекови.

- Затоа го напаѓаат и Груевски, и Владата и Тодоров, затоа што се соочуваат со она што ВМРО - ДПМНЕ го прави, а тие можеле, а не го направиле, напротив го правеле спротивното, рече Груевски и праша каде оделе парите од толку скапи лекови во времето на СДСМ.