Попоски на Самит на Франкофонијата во Дакар

Министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на 15-от Самит на Франкофонијата посветен на темата: “Жените и младите, вектор на мирот и развојот“ што вчера и денеска се одржа во Дакар, Република Сенегал.

Попоски ја поддржа економската стратегија на Франкофонијата која се усвои во Дакар и се заложи за посилни економски и трговски врски меѓу земјите членки и потенцираше дека од практичната примена на оваа стратегија, сите земји би можеле да имаат корист.

Тој учествуваше и на политиките на седниците на франкофонијата посветени на тероризмот, епидемијата на вирусот ебола, како и климатските промени низ призмата на економскиот развој.

Самитот во Дакар, донесе и проширување на организацијата со нови набљудувачи, а со овој статус се стекнаа Коста Рика, Мексико и Косово. Воедно за нов генерален секретар на Франкофонијата е избрана Микел Жан од Канада, која доаѓа на местото на поранешниот претседател на Сенегал, Абду Диуф кој на оваа функција беше цели 12 години. 

Министерот Попоски, на маргините на Самитот, оствари повеќе средби со шефовите на делегациите од земјите членки на франкофонскиот свет распространет на петте континенти вклучувајќи го и министерот за надворешни работи на Сенегал, Манкор Ндијае.

Република Македонија е членка на втората по големина светска меѓународна Организација после ООН. Франкофонијата е клуб во кој членуваат наши значајни евроатлантски партнери кои се исклучително активни како Франција, Белгија, Швајцарија, Канада, но и голем број на азиски, африкански и латино американски земји.

Франкофонијата нуди можност за отворање на долг рок кон африканските земји со оглед на тоа што се работи за континент со најголем економски и демографски потенцијал во следната деценија.