Во Валандово пуштен во употреба нов фудбалски терен

Во Валандово денеска е пуштен во употреба нов спортски, фудбалски терен, дел од проектот „50 фудбалски игралишта“ на Владата и Агенцијата за млади и спорт.
Игралиштето е со стандардни димензии. На него ќе може да се одржуваат тренинзи и натпревари, има соблекувална, тушеви и дренажен систем, осветлување, како и трибини за 500 гледачи.

- Спортот има огромно влијание врз здравјето на секој поединец. Да се спортува значи да се гради натпреварувачки дух, но и доверба, социјални и комуникативни вештини, како и негување колегијалност, рече премиерот Никола Груевски пред ставањето во функција на игралиштето.
Груевски напомена дека во минатото освен декларативни заложби за развој на спортот и физичката култура во Македонија, не беше направено ниту едно конкретно дело.

- Денес сликата е многу поинаква. Оваа Влада во изминатите неколку години eнтузијастички и со цврста волја почна да ги менува ваквите состојби. Се градат фудбалски игралишта, спортски сали, тениски терени... низ цела Македонија. Сите овие проекти зборуваат за нашата подготвеност и посветеност да направиме нешто повеќе за младите, истакна премиерот.

Според директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски, инвестициите во спортската инфраструктура не завршуваат со фудбалското игралиште. Валандово наскоро треба да очекува и отворање на тениски терени.

Како што нагласи градоначалникот Никола Чурлиновски, со владините проекти се надмина проблемот младите луѓе да немаат соодветни услови за спортување.

Премиерот Груевски кој претходно присуствуваше и на пуштањето на откупно-дистрибутивниот центар за овошје и зеленчук во Струмица, од Валандово замина за Нов Дојран каде ќе бидат ставени во функција две теренски игралишта.

Категорија: