Во МНР состанок за претседавањето со Здравствената мрежа на ЈИЕ

По повод претседавањето на Република Македонија со Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, денеска во Министерството за надворешни работи се одржа средба на министрите за надворешни работи и за здравство, Никола Попоски и Никола Тодоров, со дипломатските претставници од земјите учеснички во овој процес.

- Во пресрет на претстојниот регионален состанок на Светската здравствена организација во Копенхаген и улогата на Република Македонија како претседавач со Здравствената мрежа на Југоисточна Европа со која ќе престедава министерот Тодоров, тој се обрати на дипломатските претставници на земјите од здравствената мрежа на ЈИЕ во присуство на преставникот на канцеларијата на СЗО во Македонија преставувајќи ги иницијативите на македонското претседавање со регионалната здравствена мрежа, соопшти МНР.

Тодоров се осврнал на иницијативата за зајакнување на човечките ресурси како фактор за развој во областа на здравството, преку овозможување едукации, обуки, специјализации и субспецијализации за здравствените работници во рамки на земјите-членки на ЗМЈИЕ. Со оваа иницијатива ќе се овозможи значително зајакнување на капацитетите и вештините на медицинскиот кадар, со што ќе се придонесе кон целокупно зајакнување на здравствените системи на земјите-членки на Здравствената мрежа.

Во обраќањето Тодоров ја нагласил и иницијативата за зајакнување на улогата на Здравствената мрежа на ЈИЕ од аспект на менаџирање на кризи, како и пружање на соодветна помош при појава на кризни состојби, што било поздравено од дипломатите.

Реафирмирајќи ја македонската поддршка за понатамошно унапредување на регионалната соработка во рамки на ЗМЈИЕ, министерот Тодоров изразил очекување дека присутните амбасадори ќе ја пренесат пораката на министрите за здравство во нивните земји, за учество на министерски состанок кој во рамки на македонското претседавање се очекува да се одржи во ноември. 

Министерот Никола Попоски во својство на домаќин и шеф на македонската дипломатија посочил дека нашите дипломатски претставници стојат на располагање за олеснување на активностите во здравствената мрежа во насока на подигнување на стандардите. Во доменот на економската дипломатија, сегментот на здравството е интегрален дел преку кој МНР се залага за презентирање на можностите на македонската фармацевтска индустрија во странство, се вели во соопштението.