Министерот Димовски во работна посета на млекарата „Здравје- Радово“, погон во Василево

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска беше во работна посета на млекарата „Здравје- Радово“, погон во Василево.

Во разговорите со менаџерскиот тим на овој млекопреработувачки капацитет беа констатирани задоволителни резултати и поволни трендови на зголемување на преработките од млеко во државата.

По обиколката на производствениот капацитет министерот Димовски изрази задоволство што мерките на Владата и министерството ги даваат резултатите кои се евидентни.

- Денес ние веќе немаме нестабилност во производството на млеко, ниту имаме нестабилност и проблеми во откупот и во преработката на млекото. Веќе млекопроизводителите имаат сигурност во пласманот на својот производ, а убаво е да се слушне од млекопреработувачите дека добиваат се подобар квалитет. Имаме показатели кои одат напред во нагорна линија, што е одраз на низата мерки, кои ги донесовме и ги реализираме со сите чинители од млечната индустрија, нагласи министерот Димовски.

Менаџерот на „Здравје-Радово“, Јован Дабевски нагласи дека Министерството за земјоделство има вложено многу во млечната индустрија, а компаниите имаат вложено во нови капацитети и технолошки линии, во сировина и обуки на луѓе. Паралелно, подвлече, се зголеми и сточниот фонд.„Здравје„ Радово, трета година по ред е најголем откупуваач на млеко со 100 илјади литри откупено млеко.

- Секоја година делиме по 300 висомлечни јуници кај нашите кооперанти, а за сопствени потреби набавивме и стадо овци од расата „аваси“, изјави Дабевски.

Димовски ја нагласи подготвеноста на Министерството за целосна реализација на Програмата за млекопроизводството, кое со воведување добри пракси треба да обезбеди поквалитетно млеко за кое ќе се дадат и поголеми стимулации.