Конкурс за упис во средните училишта во 2014/2015, слободни 35.195 места

Слободни места за идни средношколци има 35.195 во Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2014/2015, кој денеска го објави Министерството за образование и наука. Новина се 13 реформирани струки за тригодишно средно образвование кои МОН ги  креираше со поддршка на ЕУ.

- Покрај воведувањето 13 нови профили во различни средни стручни училишта на територијата на Република Македонија, отворени се комплетно нови паралелки за новоформираното средно медицинско училиште во Гостивар и во Охрид, каде што гимназијата се дели на две посебни училишта во кои ќе има стручно и гимназиско образование. Исто така, проширени се квотите во дел од стручните, особено во дел од медицинските и во останатите стручни. Последната новина е тоа  што во огласот оваа година се објавени и седумте дисперзирани одделенија на спортската  гимназија и нивната активност ќе се спроведува во различни градови на државата, изјави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Тој нагласи дека слободните места во објавениот Конкурс се усогласени со потребите на пазарот на труд и дека затоа главно биле фокусирани на средните стручни училишта.

- Секоја година е голем интересот за гимназиското образование, но повторно најдоминантни се квотите и учеството за упис во средните стручни училишта. И оваа година апелирам потенцијалните средношколци да се запишуваат во стручните училишта затоа што дефицит постои секогаш од стручен кадар, а истовремено има и поголема сигурност за обебзедување работни места, рече Ристовски.

Во Конкурсот се објавени условите за запишување на учениците, потребните документи за упис и критериумите за избор. Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе биде во два уписни рока - јунски и августовски, со две пријавувања во јуни и едно во август.

Првото пријавување и запишување ученици во јунскиот рок е на 23 и 24 јуни 2014, а резултатите ќе бидат објавени на 25 јуни. Второто пријавување во јуни ќе биде на 30 јуни и 1 јули, а пријавувањето и запишувањето во августовскиот рок ќе се врши на 21 август.