Стартува проектот „Мој термин“ за електронско закажување прегледи во ЈЗУ

Од 1 декември стартува примената на веб апликацијата наречена „Мој термин“ за електронско објавување и следење на листите на закажување прегледи во здравствените установи. Системот ќе се применува како пилот проект во Клиника за радиологија, Градската општа болница „8 Септември“ и Хирушката клиника „Св.Наум Охридски“ во Скопје, каде што има подолги периоди на чекање за одредено снимање или интервенција.

Примената на апликацијата денеска на прес-конференција ја презентираше министерот за здравство Никола Тодоров. Апликацијата е поставена на веб адресата http:mojtermin.mk, пристапот кон оваа страна е јавен и сите граѓани ќе имаат можност да ги гледаат листите на закажани прегледи.

Тодоров истакна дека секој пациент при закажувањето на услугата ќе добие шифра со која ќе може да пристапи и да го види својот термин. Откако ќе се најави со шифрата, пациентот ќе има можност да ги види потребните информации и податоци на својот термин.

- Со овој проект почнуваме еден месец порано од планираното, а неговата суштина е електронски да се водат листите на чекање односно да има високо ниво на транспарентност при закажување прегледи за кои е потребно подолго време на чекање. Листата на чекање покрај тоа што ќе биде објавена електронски ќе ја има и на видно место во овие здравствени установи, рече Тодоров.  

Тој посочи дека ќе се овозможи секој пациент да знае точно кој ден и во колку часот ќе ја добие неопходната здравствена услуга. Според Тодоров, со ова ќе се зголеми квалитетот на здравствените услуги.

Следната фаза е известување на пациентите преку СМС пораки, а третата фаза е електронски букинг во рамки на кој пациентите без да дојдат во установата ќе можат од дома да закажат преглед, додаде Тодоров.