Новиот концепт Менаџмент етика ќе ги унапреди позитивните резултати во администрацијата и услугите кон физичките и правните лица

Прес - конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија е суштински посветена и работи на унапредување на администрацијата, и тоа во насока на обезбедување на професионална, стручна и способна администрација која ќе е вистински сервис на граѓаните и компаниите, физичките и правните лица, а своите обврски кон нив ќе ги извршува ефикасно и ефективно. За таа цел досега се преземени многу мерки и активности, многу закони и законски измени се донесени и се реализирани многу проекти. Сега, откога е поставена и надградена таа основа која почнува да дава резултати, одиме уште еден чекор понапред во реализација на стратегијата.

Тој чекор во основа претставува надградување на менаџментот и менаџмент принципите кои водат кон унапредено и интегрирано реализирање на сите овие посебни елементи кои пак се реализираат на соодветни нивоа на посебен менаџмент.

На минатата седница Владата одлучи да се стартува со реализација на концептот Менаџмент етика. Во суштината овој концепт Менаџмент етика претставува мобилизација на сите раководни структури во администрацијата, но и на целокупната администрација до секој нејзин член, уште поголемо унапредување на интензитетот на спроведување на реформите во оваа област, унифицирана информираност за мерките, активностите, визиите и целите кои треба или се постигнуваат, се со цел унапредување на квалитетот на услугата која државата ја дава на граѓаните и компаниите.

Целокупниот концепт Менаџмент етика ќе започне со реализација со настан во понеделник, каде што премиерот Никола Груевски ќе се обрати пред околу 3000 раководни лица од администрацијата, министри, директори на органи, институции, болници, претпријатија, трговски друштва, членови на управни и надзорни одбори, раководители на сектори во институциите и органите. Настанот ќе се одржи во просториите на Метрополис арена.

Овој настан како и целокупниот концепт е базиран на најдобрите светски практики од најразвиените земји кои се применуваат во менаџирање на администрацијата, кој е длабоко научно базиран и практично воспоставен на база на сериозни анализи и проучувања. Исто така, овој модел и концепт има примена и во приватниот сектор кај големите мултинационални и моќни компании, и истиот претставува инвенција која ќе донесе нови позитивни исчекори.

Преку настанот и концептот доаѓа до директна групна средба на Премиерот и владините министри, односно првото ниво на управување и раководење, со второто и третото ниво на извршната власт. Тоа е јасна отвореност и транспарентност, и соодветен начин на споделување на идеите за понатамошен напредок и постигнување на резултати, но и согледување на предизвиците и полињата каде има помал прогрес и интензивирање на реформите во оваа сфера.

Со настанот и концептот се реализира можност за групно согледување на реализација на програмата на Владата и секој нејзини сегмент, презентација на идните правци, дејства, мерки и активности, што ќе овозможи продолжување на силното темпо и посветена работа, односно обединување на ресурсите кон реализација на истата цел, а тоа е подобра услуга за физичките и правни лица.

Посебен акцент како што кажува и името на концептот ќе биде ставен на етиката која во својата суштина опфаќа модел на однесување кој нуди продуктивност, ефикасност и ефективност преку примена на најдобри модели за постапување, а покрај другите менаџмент принципи со особен осврт на овие два сегмента:

Прво, работата на администрацијата, со фокус на комплетна имплементација на нејзината сервисна ориентираност кон граѓаните и компаниите, на примена на менаџмент принципите доследно, на работа која за граѓаните и компаниите ќе значи помалку трошок во средства и време, побрза услуга и задоволни клиенти.

Втор, силно акцентирање на поентите на вредностите, чесност, искреност, посветеност, праведност, законитост во однесувањето, како најдобар гарант за борбата против корупцијата, и алатки за нејзина превенција и сузбивање.

По панел средбите со приватниот сектор, со бизнис заедницата, на кој се претставуваат идните проекти и модели за надминување и менаџирање на предизвиците, и синергично дејствување во заедничка цел, со овој нов концепт Менаџмент етика истиот модел со своите специфики се применува и кон административниот сектор и се заокружува заедничкото дејствување на државниот и приватниот сектор во интерес на заедничките цели за продолжување на реформите и општиот развој на земјата.

Самиот концепт Менаџмент етика по основниот настан ќе продолжи да биде развиван по институции, сектори и ресори за да стигне до секој член на администрацијата и тој да биде вклучен во секој процес. Исто така, концептот ќе продолжи да биде развиван на регионално ниво со што ќе се обезбеди и територијална покриеност и опфат.

Уверени сме дека овој нов модел, ќе донесе нови позитивни ефекти чија единствена и крајна цел е задоволен корисник, секое физичко и правно лице.