Органското производство евидентно зголемено, неопходна интензивна промоција

На домашното органско производство кое бележи значителен пораст, му е неопходна интензивна промоција. Пласман има, но побарувачката е се уште мала поради недоволната информираност на потрошувачите, заклучија учесниците на денешната трибина што ја организираше Федерацијата на фармери (ФФРМ).

Производителите се задоволни од владините субвенции, бараат поддршка од науката и размислуваат за здружување во кооперативи со цел заеднички, поуспешен настап. Сертифицирањето е скапо, а додадена вредност на органската храна, посочија, не се пресметува.

- Субвенциите за органско призводство во 2007 година беа 11 милиони денари,а  денес се 110 милиони или 10 пати повеќе. Идната година се предвидени околу 130 милиони денари. Пред само неколку години беа пријавени 266 хектари за органско производство, а денес се евидентирани повеќе од 5.200 хекатри. Бројот на органски пчелни семејства беше 110, а сега е 14.000, додека бројот на овци пријавени во делот органско стоќчарство беше 2.500, а денес е околу 98.000, изјави заменик министерот Зоран Коњановски кој присуствуваше на трибината.

Напредокот е евидентен, напомена Коњановски, додавајќи дека Министерството е подготвено да им излезе во пресрет на производителите за решавање на кој било проблем.

- Не бегаме од дополнителен дијалог, како понатаму да ги решаваме проблемите. Еден од нив е пазарот. Сакаме да поразговараме со претставници на поголемите маркети кои денеска не беа присутни, за евентуални законски измени со цел поголема продажба на македонските органски производи, истакна заменик министерот.

Меѓу приоритетните активности е формирањето совет за иновации и нови технологи во кој ќе членуваат профсори и експерти од областа на земјоделството. Овој проект ќе биде поддржан со околу 200.000 евра од Програмата за рурален развој. Идејата е да се поттикнат современиот начин на производство и користењето квалитетен семенски материјал.

Според Оливера Бичиклиска од ресорното Министерство, дадоа резултати политиките за развој на органското земјоделство преземени изминативе години.

- Имаме фидбек од производителите дека се движиме во вистинската насока. Така и ќе продолжиме. Во делот на примарното производство имаме задоволителни резултати. Сега политиката ја насочуваме кон промоција на органската храна. Целта е да ги мотвираме фармерите уште повеќе да ги зголемат површините. По развивање на пласмант дома, ќе може да се размислува за посеризоен настап на европските и светските пазари, истакна Бичиклиска.

Фармерите сметаат дека македонските органски производи се релативно евитни. Цената, велат, треба да биде двојно повисока од онаа на конвенционално добиената храна, а не како сега, само 30 отсто. Согласни се дека со здружувањето во задруги можат да обезбедат поквалитетен настап и повисоки цени, како и набавка на поевтини репроматеријали.

- Проблемот со цената практично ја прават увозните производи кои за нашите потрошувачи се многу скапи. На македонскиот пазар има суровини од органско потекло, но не и доволно преработки. Тука треба инвестиции, рече Сузана Димитриевска, органски производител на житни култури и член на ФФРМ.

Органското земјоделство моментно инетзивно се практикува во 160 држави. На него отпаѓаат 37,2 милиона хектари обработлива површина која ја менаџираат 1,8 милиони земјоделци. Најголем профит од органско земјоделство, вкупно 54,9 милијарди долари, е направен пред две години, во 2009.

Во Македонија засега органски се производуваат мед, грозје, житни култури и некои видови овошје. Притоа, пеовладува суровината, помали се количините на преработки. 

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со укинувањето на владината одлука за купување домашна пченица и брашно како услов за увоз, заменик министерот Коњановски рече дека како никогаш досега Министерството, заедно со производителите и преработувачите, успеа успешно да го изменаџира откупот на домашното жито.

- Договоривме низа чекори за успешно реализрање на целиот процес, од жетва до пласман. Постигнавме успех, сите се задоволни. Дел од мерките што во оваа насока ги преземавме беше и оваа владина одлука, но ја укинавме зашто веќе се откупени задоволителни количини пченица, рече Коњановски.