Груевски: Раздвижувањето на индустријата значи и зајакнување на можноста за нови инвестиции

Растот на индустриското производство од речиси седум проценти, што според Државниот завод за статистика е забележан во првите шест месеци во споредба со првите шест месеци од минатата година претставува сериозен пораст, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

- Во месец јуни порасна само за речиси 15 %, во однос на јуни минатата година. Што е многу сериозен пораст на индустриското производство, што покажува една раздвиженост на економијата во Република Македонија, што е и логично во однос на мала раздвиженост, која се јавува во Европската монетарна зона, односно во Европската унија. Иако, кризата се уште не е завршена во Европа сепак има одредени позитивни сигнали кои со помош на нашите реформи, на нашите чекори кои ги правиме во економијата се рефлектираат и тука кај нас. Така што тоа ме радува, раздвижувањето на индустријата значи и зајакнување на можностите за нови капацитети и за нови извози, а со тоа и зголемен број на работни места во Република Македонија, рече Груевски.

Тој истакна дека сите напори и мерки кои ги презема Владата се во правец на отварање нови работни места, нови инвестиции, старите инвеститори да размислуваат за нови или проширување на своите капацитети, а кои што ја раздвижуваат и македонската економија.