Реновирани кабинети за настава во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски денеска го најави стартот на употребата на реновираниот дел во Државното музичко-балетско училиште „Илија Николовски-Луј“. Училиштето доби девет нови кабинети за индивидуална настава и два нови кабинети за колективна настава. Вкупната инвестиција изнесува 5,5 милиони денари и е покриена од ресорното министерство.

-Со оглед на зголемениот интерес за упис во ова училиште, Министерството за образование и наука во соработка со раководството на училиштето ја реализираше оваа активност. За поздравување е мотивацијата и интересот на самото училиште и поддршката што му беше дадена на МОН за реализација на проектот, зашто повеќе од 25 години овде не е реновирано ништо. Од неговата изградба ова е најголемата инвестиција на Министерството за образование и наука, изјави министерот Ристовски.

Тој додаде дека покрај реновирањето на кабинетите, со поддршка на Министерството набавена е и дополнителна музичка опрема, неопходна за одржување на часовите.