Лабораторија за геномика и протеомика при МАНУ

Анализа на гени и други современи биомедицински истражувања овозможува Лабораторијата за геномика и протеомика во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦГИБ) „Георги Д. Ефремов“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Лабораторијата, која располага со високософистицирана опрема и во која Владата вложи приближно 600.000 евра, денеска ја посетија премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

- Оваа Лабораторија е единствена во Македонија, а ја немаат и некои држави во регионот. Ова е извонредна можност која, се надевам, ќе биде максимално искористена од страна на приватните и државните клиники. Но, доколку се организира и добро ја „продаде“, МАНУ преку своите услуги може и да заработи, да оствари дополнителен приход, изјави Груевски.

Услугите на Лабораторијата некои болници во државата веќе ги користат. Но, како што истакна Груевски, искористеноста е се уште многу ниска и има можност за нејзино зголемување.

Лабораториските анализи овозможуваат целосно и детално профилирање на промените во клетките и ткивата при одредени состојби.