Обраќање на премиерот Никола Груевски на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

Почитувани пратеници во Парламентот на Р.М,

Почитуван Министер за култура, г-ѓо Канческа Милевска,

Почитуван Претседател на Комисијата за односи со верските заедници, г-ѓо Божиновска,

Ваше блаженство, Архиепископ на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија,  ГГ Стефан,

Ваша екселенцијо, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Католичката црква во Македонија, г-дине Стојанов,

Почитуван г-дине Цеков, главен проповедник на Евангелско-Методистичката црква во Македонија,

Почитуван Претседател на Еврејската заедница во Македонија, г-ѓо Романо- Николиќ,

Почитуван Бискуп на Евангелско-Методистичката црква, г-дине Шол,

Почитуван Претседател на Комитетот за религии и интеркултурно образование при Советот на Европа, г-дине Маца,

Почитуван претставник на Генералниот дирек­тор на УНЕСКО, г-ѓа Праис,

Почитуван претставник на Генералниот секретар на НАТО, г-ѓа Скаре,

Почитувани учесници на третата Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог,

Уважени гости,

Дами и господа,

Разновидноста на културите, религиите и цивилизациите е голем потенцијал на секое општество. Уверени во потребата дека сите ние треба да го дадеме нашиот придонес во охрабрување на културниот и религискиот дијалог и соработка, имам чест и особено задоволство, во име на Владата на Република Македонија, да Ве поздравам и да Ви посакам топло добредојде на Третата светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во Македонија.

Оваа конференција претставува продолжение на Првата и Втората светска конференција кои успешно се реализираа во 2007 и 2010 година во Охрид. Воедно, оваа конференција претставува еден вид продолжување и на хуманата визија на покојниот Претседател на Република Македонија, г-динот Борис Трајковски кој на негова иницијатива, а со помош на УНЕСКО, го реализираше првиот  Регионалниот самит на шефови на држави на Југоисточна европа “Дијалог помеѓу цивилизациите“ во 2003-тата година во Охрид. Од тогаш па до денес, охридската порака за мир и соработка овозможи секоја година да се одржуваат вакви регионални форуми на шефови на држави во регионот, под покровителство на УНЕСКО. Нашата земја има задоволство во годината кога се навршуваат десет години од Охридската порака за мир да биде повторно домаќин на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Темата на Третата светска конференција е слободата и достоинството како основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи. Слободата и достоинството претставуваат вредности кои се својствени на сите религии и претставуваат универзални човекови права кои секој човек ги стекнува со своето раѓање, без разлика на неговата религиска, етничка, политичка или социјална припадност. Слободата и достоинството тежнеат кон постигнување на мир и како такви не случајно се гарантирани во член 1 од Универзалната декларација за човекови права, како и во други бројни меѓународни документи и извори на правото. Владата на Република Македонија вложува многу во заштита и промоција на овие индивидуални човекови права и вредности, бидејќи тие се предуслов за просперитетни меѓучовечки, меѓурелигиски и меѓукултурни односи а дијалогот е еден од механизмите за нивна реализација.    

Ваши Екселенции, почитувани пријатели, дами и господа,

Дијалогот отсекогаш претставувал моќна алатка која придонесувала за политичка, социјална, културна и економска интеграција и кохезија на општествата што се културно разновидни. Тој ги негува еднаквоста, слободата на мислата и човековото достоинство и се стреми кон создавање на подлабоко разбирање на различните погледи на светот.

Всушност, една од основните човекови потреби е потребата за дијалог и комуникација. Да постоиш, значи да живееш со светот околу себе, да споделуваш, да бидеш во постојан дијалог со самиот себе, но и со другите околу тебе. Дијалогот е обид да се слушнеме, почувствуваме, приближиме еден кон друг, да навлеземе во суштината на нештата и да ја согледаме нивната смисла. Само преку дијалогот може да се откријат различните светови и кога е потребно да се премости јазот меѓу сопственото јас и она што претставува јас на другиот. Оттука, бојкотирањето на дијалогот претставува бојкот на самиот себе и ја поткопува искреноста на вредностите кои се декларираат. Најдобар и најцивилизиран начин за надминување на евентуалните недоразбирања и проблеми е дијалогот и ништо не би смеело да го условува неговото одвивање.

Религијата и верувањата од секогаш играле огромна улога во дијалогот помеѓу луѓето и цивилизациите.

Како што ќе каже големата хуманистка од Македонија, Мајка Тереза

“....Најпрво треба да го пронајдеме Царството божјо, а сето останато ќе си дојде само по себе. Ние мораме да го најдеме Бог, ама Бог неможе да се најде во врева и нервоза. Бог е пријател на тишината. Нас ни е потребен мир за да бидеме способни да ја допреме нашата духовност...“

Почитувани присутни,

Денес живееме во време кога потребата од дијалог и религиска толеранција е поголема од било кога и истата потреба како никогаш досега влијае врз заштитата и одржувањето на глобалната безбедност. Религиите како чувари на духовното влијаат врз развојот на човечката душа и нејзините погледи кон светот, а миротворното однесување носи плод на соживот и хармонија за сите. Светиот Апостол Матеј пишува: „Благословени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“.

Токму затоа, нека секој од нас се посвети на својата од Бога дадена мисија да постане миротворец и допринесе за убавината на својот дом и својата татковина. Божјото царство е во срцето на секој човек и претставува основа на секоја заедница. Нека секој од нас погледне длабоко во себе и ги пронајде најубавите начини за приближување на различностите меѓу луѓето и различните религиски заедници, бидејќи преку меѓусебното почитување, соживот и размена на знаење создаваме траен систем на вредности кои допринесуваат кон одговорна и човекољубива световна власт.

Јас сум уверен дека темите на оваа Конференција ги посочуваат областите на кои треба вредно да се работи во насока на исполнување на нашите заеднички цели.

Владата на Република Македонија како досега, така и во иднина ќе ги поддржува сите иницијативи кои се однесуваат на јакнење на довербата и соработката меѓу народите, различните нации, религии и култури. Тоа е наша должност, како граѓани на Македонија која од секогаш била крстосница на разни култури и религии, што допринело да се создаде традиција на негување на етничката и религиска толеранција и широко почитување на универзализмот и хуманизмот.

Ве поздравувам, Ви посакувам плодна дискусија во наредните неколку денови и убав престој и пријатен во Република Македонија !

 

Ви благодарам !

 

 

Категорија: