Ставрески: Ние подадовме рака, штета што СДСМ донесе лоша одлука

Вицепремиерот Зоран Ставрески изрази жалење за одлуката на Централниот одбор на СДСМ, оценувајќи ја како лоша. Смета дека има доволно време опозицијата да ја смени одлуката.

- Ние подадовме рака, штета е што СДСМ донесе лоша одлука. Сепак, до недела остануваат уште неколку дена. Верувам дека ќе размислат добро за тоа да донесат праведна одлука и да не се вметнува земјата во непотребна политичка криза, да не се креираат проблеми и да останеме на патот на евроатлантските интеграции, на развој на економијата и да им понудиме на граѓаните програма и проекти врз база на кои ќе имаат можност да донесат соодветна одлука, изјави Ставрески по денешната промоција на безготовинско плаќање за нови лични документи.

На новинарско прашање дали очекуваат некои од кандидатите за градоначалници да поднесат листи и покрај одлуката на ЦО на СДСМ, Ставрески потенцира дека нивно е да создадат услови и да овозможат, иако изборните рокови течат, со направениот чекор за измени во Изборниот законик, опозицијата во целина да поднесе кандидатура, а дали тоа ќе се случи зависи од нив.