Со хеликоптер доставена медицинска помош и вода за жителите од Злеово

Лекови, чиста вода за пиење и медицинска помош добија денеска жителите од радовишкото село Злеово кое остана целосно отсечено со уривање на мостот на Стара река.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски и медицински тим денеска со хеликоптер дојдоа во селото за да им укажат помош на жителите кои два дена се отсечени од Радовиш и Струмица.

По согледаната состојба на терен вчера Коњановски веднаш алармирал за помош на населението.

- По согледаната состојба и комуникацијата со мештаните од два различни краја, од една страна институциите на државата, а од друга тие, кога се вратив во Скопје со Координативното тело на Владата одлучивме веднаш да испратиме медицински тим и вода за пиење. Одлучивме медицински екипи да доаѓаат се додека не се воспостави комуникација со Радовиш и Струмица бидејќи на луѓето им треба здравствена заштита, рече Коњановски.

Владата будно ќе ја следи состојбата и ќе презема мерки со цел, како што рече, луѓето да не се почувствуваат осамени.

- Ќе водиме грижа за секое населено место во Република Македонија и за секој човек кому му е потребна помош, додаде Коњановски.

Градежни екипи работат на оспособување на алтернативен патен правец Злеово - Покрајчево и, според Коњановски, најоптимистички е дека за два дена патот ќе биде оспособен, а паралелно ќе се работи и на оспособување на пат кон општина Василево.

- Целта ни е за два-три дена да оспособиме нормална комуникација на населението што живее во Злеово со Радовиш и Струмица, рече претседателот на Месната заедница Златко Стојанов

Според него, мостот на Стара река била единствена комуникација на над 1.500-те жители и состојбата во селото, како што рече, е алармантна.

- Се користат последните резерви на храна од трите продавници, но благодарение на Владата која ни овозможи барем привремено лекар и вода ќе воспоставиме нормален живот се додека не се приспособи патот Злеово - Покрајчево, истакна Стојанов.

Поради силниот пороен дожд и надојдените води од Радовишка река, вчера беа урнати два моста кај селата Покрајчево и Злеово, кои на жителите им беа единствена комуникација кон Радовиш и Струмица.