Промовиран Електронски толковник на поими од пензиско осигурување

Министерството за труд и социјална политика денеска промовираше Електронски толковник на поими од пензиско осигурување, чија основна цел е граѓаните да се запознаат со поимите и термините кои се користат во овој тип осигурување, особено по спроведените реформи и воведувањето на капитално финансираната компонента, односно вториот и третиот пензиски столб.

- Електронскиот толковник е поставен на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика. Со кликање на секоја означена буква се појавуваат поими со краток опис на нивните значења и во одредени случаи и дефиниција. Доколку станува збор за посложен поим преку соодветен линк граѓанинот се упатува  за подетално објаснување на друга веб страница, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Со Електронскиот толковник, според него, ќе се овозможи граѓаните да се запознаат со поими од пензиско и инвалидско осигурување на поедноставен начин, особено поради тоа што, како што рече, секој осигуреник е иден корисник на права од пензиско осигурување.

- Исто така, една од целите на Владата е олеснување на пристапот на граѓаните до институциите со што се подигнува ефикасноста на јавната администрација. Во таа насока, преку едукација и информирање на јавноста за правата од пензиското и инвалидското осигурување се подобрува и сервисот на граѓаните во обезбедувањето на социјалната сигурност, рече Ристовски.

Изработката на Електронскиот толковник, рече, била иницирана од потребата да се доближат реформите во пензиското и инвалидското осигурување, со цел граѓаните полесно да ги сфатат постапките и начините на остварување на правата од оваа сфера.