Презентирани резултати од проектот за признавање професионални квалификации

Проектот за признавање на професионалните квалификации кој Министерството за образование и наука го почна во 2011 и го спроведува со партнери од Велика Британија е во фаза на разгледување на професиите и секторите кои треба да се усогласат на барањата на ЕУ.

- Се уште сме во фаза на разгледување на оние професии и во оние сектори каде што ќе треба дополнително да се поработи за да можеме да кажеме дека тие  се усогласени со барањата на земјите од ЕУ. Опфативме широк спектар на различни професии од повеќе дејности, како што се здравствената, градежната, банкарската  и редица други, се со цел да обезбедиме дека тоа што се стекнува како квалификација во тие професии е изедначено со квалификациите  што се стекнуваат на ниво на ЕУ. Имавме огромна поддршка од МОН, но и од други тела и агенции и очекувам проектот да го продолжиме во следната фаза за уште повеќе да ги унапредиме резултатите, изјави експертот Клауд Баи Јун од УК НАРИК Центарот - британскиот партнер за реализирање на проектот.

Формирана е и меѓуресорска координативна група, а првите резултати беа презентирани денеска во ЕУ Инфоцентарот, каде што се обратија амбасадорот на Обединетото Кралство Кристофер Ивон и министерот за образование и наука Панче Кралев. Во изминатата година и половина е усвоен правилник за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на секторски професии и регистарот за професии од генералниот систем на регулирани професии, како и за водење евиденции и регистри. Подготвена е анализа на засегнати страни во процесот на заемно признавање на професионални квалификации во која досега се дефинирани околу 100 регулирани професии. Подготвена е и методологија за начинот на водење регистар на професионални квалификации.

-  Суштината на проектот е едноставна - ако некој турист сака да оди на одмор во некоја држава, ќе може да влезе со пасош кој претходно е признат. Аналогна на тоа е и целта на проектот - квалификациите, стручното и професионалното искуство кое едно лице претходно ги стекнало, на ист начин да бидат признати во државата каде што тоа лице оди.... Без разлика дали сте акушерка, архитект, адвокат, вашите вештини можете да ги пренесете во друга земја и да знаете дека ќе ви бидат признати, и ќе знаете дека инвестицијата во вашето образование и вештини, која траела многу години, ќе биде многукратна придобивка за вас и за вашето семејство. Со овој процес земјата уште поблиску се доближува до Европската унија и нејзините стандарди, рече британскиот амбасадор Кристофер Ивон.

Министерот Кралев во обраќањето посочи дека иако Законот за признавање на професионалните квалификации, кој беше усвоен во 2010, ќе стапи во сила откако Македонија ќе стане членка на ЕУ, во изминатите 18 месеци се преземени многу подготвителни активности.

- Една од најзначајните активности е градењето административни капацитети и подигање на свеста на институциите кои се вклучени во процесот на признавање на професионалните квалификации. Процесот ќе продолжи со обезбедување соодветни обуки кои ќе опфатат што поголем број лица. Остануваме посветени на овој процес, зашто само преку усогласување на нашето со законодавството на ЕУ, може да обезбедиме и поголема мобилност на работната сила кон и надвор од Република Македонија, истакна Кралев.