Владата дејствува во превенција и санирање на поплавите

Изјава на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Во текот на вчерашниот ден како резултат на природните влијанија, и обилните врнежи, во повеќе региони дојде до појава на поплави кои го отежнуваат функционирањето на граѓаните.

Владата на Република Македонија, преку своите институции, но и како централно тело, будно и со внимание ги следи сите состојби и презема мерки и активности за превенирање на поплавите и менаџирање на нивните последици. Ова е прашање на природни влијанија, но ние со сите сили се трудиме да влијаеме во справување со состојбите.

Владата дејствува и владини министри веќе се испратени во најзагрозените подрачја.
Владимир Пешевски оди во Струмица, Босилово и Василево.
Гордана Јанкулоска ќе ги посети Куманово и Кумановско.
Миле Јанакиески и Соња Лепиткова ќе одат во Пробиштип и Пишица.
Спиро Ристовски ќе ги посети Штип и Свети Николе.
Зоран Коњаноски и Љупчо Георгиевски ќе ги посетат Радовиш и Радовишко.
Целта на посетите е владините министри изворно да ги увидат состојбите на терен, да ги координираат тековните операции на институциите, и да придонесат во регулација на состојбите, како и да излезат во пресрет на населението со изворно запознавање на преземените дејствија.

Владата веќе формираше и Координативно тело за превенција и справување со последиците од обилните врнежи и поплавите кое менаџира со состојбите.
Врз основа на податоци од теренот и барања од општините веќе се дадени насоки за користење на градежната механизација во посед на Република Македонија во справување со состојбите, дистрибуирани се материјални средства за превенција од поплавите (вреќи со песок, материјали за тампонирање...), и ангажирани се пумпни станици и онаму кај што се побарани за истек на водите од поплавените урбани средини. Министерството за внатрешни работи веќе изврши евакуација на помалите населени места околу браните во Пишица и Слатино, ангажирани се екипи на ЦУК и ДСЗ и стоиме на располагање на општините, во граници на можностите и ингеренциите да помогнеме каде што е потребно.

Информирани сме дека во текот на 2012 година се исчистени 70 километри канали и речни корита, како што е предвидено и во програмата, што значи дека поплавите не се резултат на неисполнети задачи туку на природни влијанија како што се случуваат секаде во светот, и сега фокусот е кон менаџмент на последиците и недозволување на посериозни нарушувања на животот на граѓаните.

Според информациите, водните коти на акумулациите и езерата во овој момент се под границата на највисоката дозволена кота, ситуација која се следи и на тековна дневна основа ќе се информира доколку се појави потреба за реакција.

Владата апелира сите локални субјекти кои поседуваат градежна механизација да помогнат на општините, општинските комисии за проценка на штета по повлекувањето на поплавите и создавањето на услови за увид на теренот, во брз термин да извршат попис на штетите и да ја информираат Владата за натамошни постапки. Апелираме на активно дејствување на комуналната инспекција во локалната самоуправа и проверка на состојбите затоа што е увидено дека дел од поплавите се настанати како влијание на човечки фактор односно непрописно фрлање на отпадоци во каналите кои се исчистени.

Владата ќе продолжи активно да ги следи и да дејствува на состојбите на теренот, и согласно своите законски можности и ингеренции, ќе помогне на општините и во превенцијата и во менаџирањето на последиците од поплавите.