Бесими и Вестервеле разговараа за напредокот во евроинтеграциите и за актуелната политичка ситуација

Заменик-претседателот на Владата  задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Гидо Вестервеле.

Бесими и Вестервеле, соопштија од Кабинетот на вицепремиерот, разговараа за напредокот во евроинтеграциите, како и за актуелната политичка ситуација во Република Македонија.

За време на средбата, како што се наведува, соговорниците се осврнаа на активностите кои ги презема Владата на Република Македонија во насока на спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Европската унија. При тоа посебен акцент се стави на обврските кои произлегуваат од  Пристапниот дијалог на високо ниво, со цел да се задржи динамиката во реализацијата на предвидените мерки. На средбата беше потенциран фактот дека декемвриските заклучоци на Советот се солидна можност за забрзување на реформите.

Имајќи ги предвид овие заклучоци со цел што поскоро отварање на преговорите за членство на Република Македонија, во пресрет на пролетниот Извештај на Комисијата, вицепремиерот Бесими нагласи дека фокусот на Владата ќе биде насочен кон приоритетните области во исполнување на обврските преземени во рамки на Пристапниот дијалог и извештајот за добрососедските односи, стои во соопштението.

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија за европски прашања  информираше дека е подготвен преглед за постигнатиот степен за исполнување на предвидените мерки во клучните пет реформски области: слобода на изразување (медиуми), владеење на правото, јавна администрација, меѓуетнички дијалог и изборните реформи и истиот е доставен до службите на Европската комисија.

Иницијативите за добрососедство, нагласи Бесими, се стратешка цел на Владата и во текот на овој период се работи интензивно и конструктивно кон унапредување на соработката и меѓусебната доверба.

На средбата, се вели во соопштението,  стана збор за европските интгерации на Република Македонија во ЕУ, фокусирајќи се на реализација на потпишаната Спогодба меѓу двете влади за техничка соработка преку правна рамка за спроведување на два проекти поврзани со евроинтеграцијата: „Поддршка на Секретаријатот за европски прашања“ и „Поддршка на регионалниот и локалниот економски развој“.

На крајот, се потенцира значењето за Република Македонија во овој период да се покаже напредок кон започнувањето на преговорите со ЕУ и потребата сите релевантни фактори во државата да придонесат кон овој процес преку дијалог да се надминат сите предизвици, се вели во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Бесими.