Груевски до Филе: Ние држиме до зборот и дo јавно искажаните принципи, продолжуваме со реформите

Можам да потврдам дека го добивме писмото од еврокомесарот Филе и веќе премиерот Груевски испрати одговор на писмото.

Во одговорот премиерот Груевски изрази благодарност за континуирана поддршка која еврокомесарот Филе ја дава на Република Македонија и на реформскиот процес на кој сите ние заеднички работиме, и за заедничкиот напор кој што во изминатите неколку години ја повлече напред нашата земја создавајќи прогрес кој ја отвори можноста понудена од Европскиот Совет на декемвриски самит во 2012 година.

Премиерот Груевски изрази и жалење за потешкотиите за надминување на политичките предизвици произлезени од настаните на 24 декември и деструктивното однесување на опозицијата, истакнувајќи дека е свесен за тоа каков ризик се отвора за споменатата можност во контекст на европската агенда. Истакнувајќи дека еврокомесарот Филе е добро запознаен со сите наши обиди и заложби за придвижување на работите и надминување на состојбите дури и кога наспроти нашата отвореност, подготвеност за дијалог и компромис наидуваме на несериозен и нерационален пристап од другата страна, премиерот Груевски во писмото напиша и дека во изминатиот период понудивме многу опции и излезни решенија за кои и самиот г-дин Филе е свесен дека од наша страна е даден максимум за надминување на оваа ситуација.

Премиерот наведе и дека иако многумина сметаат дека сите идеи и можности се веќе исцрпени и сега се повторуваат како стари позиции во понуди како да се нови, сепак ние остануваме одговорни, отворени и посветени за продолжување на делувањето согласно јавно искажаните принципи и за евентуални конкретни предлози од било кого, вклучувајќи конкретни предлози и од страна на г-динот Филе.
 
Во контекст за соработката и дијалогот со медиумите, премиерот Груевски во писмото истакна дека и покрај нашиот досегашен прогрес, нема да престанат нашите напори за унапредување на состојбите на ова поле.

Премиерот Груевски во писмото до г-динот Филе, истакна дека во следниот период преку надлежните служби до еврокомесарот ќе биде испратен преглед на досегашниот напредок во контекст на Високиот пристапен дијалог и развојот на добрососедските односи.

 

Александар Ѓорѓиев

портпарол на Владата на Република Македонија