Попоски: Важно е да покажеме нормален политички дијалог во рамки на демократските институции

Министерот за надворешни работи Никола Попоски не гледа поврзаност на внатрешната политичка состојба со политичката проценка на опозицијата за приоритетите во надворешната политика и порачува оти сега е важно да се покаже дека имаме нормален политички дијалог во рамки на демократските институции. 

При денешниот престој во Прилеп по повод презентација на стопанските капацитети на „Витаминка“ пред дипломатскиот кор, Попоски во коментар на  изјавата на претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски дека ќе се откажат од барањето за предвремени избори доколку добиеме датум за преговори и ако се реши спорот со името оцени дека опозицијата наоѓа изговори.

- Мислам дека нема никаква поврзаност со внатрешната ситуација и со проценката на политичка партија за тоа што треба да направиме и за тоа што се наши приоритети во надворешната политика. Мислам дека станува збор за изнаоѓање изговори кои се наполно неповрзани со она што е во реалноста, изјави Попоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Не е првпат, нагласи,  да се изнесуваат ставови и да се интерпретираат штетно.  - Во делот на разговорите ние имаме покажано посветеност, тоа е потврдено со пресудата од меѓународниот суд на правдата. Од аспект на ангажираност сме ги исполниле сите критериуми. Остануваме посветени на процесот така како што рековме. Сакаме да имаме напредок, да ги развиваме добрососедските односи со сите соседи, вклучително и со нашиот јужен сосед. Мислам дека нема никаква поврзаност со внатрешната ситуација и со проценката на политичка партија за тоа што треба да направиме и за тоа што се наши приоритети во надворешната политика, наведе Попоски.

Оцени дека опозицијата не покажува нормален политички дијалог и оти со тоа и прави штета на државата. - Во овој момент за нас е битно да покажеме дека имаме нормален политички дијалог во рамките на демократските институции. Тоа не се гледа во лидерството на една политичка партија и е најкрупната штета што ја трпиме во доменот на европските интеграции. Се останато кое беше дел од дискусиите за почеток на преговори со ЕУ е исполнето и на сите други полиња имаме покажано напредок, изјави Попоски.

Коментирајќи ги можностите за скорешно решение на спорот со името, Попоски наведе дека не сака да шпекулира, оценувајќи дека причините за блокада од јужниот сосед не се релевантни, ниту правно основани.

- Не би можел да шпекулирам колку скорешно или не може да биде тоа, зашто се работи за дводецениски спор. За нас е релевантно што имаме понудено аргументи дека ниту една од оние понудени причини која е поставена за блокирање на нашиот почеток за преговори со ЕУ не е релевантен, не е правно основан. Во делот на дискусиите ние сме исклучително посветени и активни и мислам дека тоа не може да биде искористено за одложување на почетокот на преговорите, рече министерот за Попоски одговарајќи на новинарски прашања.