За 66 училишта интерактивни табли, донација од Македонски телеком

Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје доби електронска интерактивна табла која е дел од донацијата на „Македонски телеком“ за опремување на училиштата со ваква опрема.

Донацијата е во вредност од 165 илјади евра, а вакви интерактивни табли ќе добијат 66 основни и средни училишта во државата. Процесот на селекција е извршен по јавен повик на кој аплицираа 130 училишта, а еден од основните критериуми беше и искористеноста на постоечката информатичка технологија. За користење на овие табли се обучени вкупно 130 наставници.

Според министерот за образование и наука Панче Кралев, целта на донацијата е да се подобри воспитно-образовниот процес и употребата на информатичката технологија во образованието.

- Учениците позитивно реагираат на овие интерактивни табли, а од реакциите и на наставниците станува збор за еден проект кој наиде на огромна поддршка во сите училишта каде беше овозможен. Нашата цел како Министерство за образование и наука е да продолжиме и во иднина со новата технологија во училниците во Македонија, изјави министерот Кралев на денешната официјална промоција на интерактивните табли.

Најави дека ќе се обидат да најдат средства од буџетот и од донатори со цел овие интерактивни табли да бидат дел од сите училници во училиштата.

Интерактивните табли се осигурени и со рок на гаранција. - Од директорите на училиштата е побарано да достават изјави со кои се обврзуваат дека ќе обезбедат максимални услови за заштита. Верувам дека училиштата ќе дадат максимални напори таблите да бидат заштитени и да не претрпат никакви штети, рече Кралев.

Главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Даниел Сас истакна дека тие како одговорна компанија се посветени да ги донесат најновите технологии во Македонија.

- Среќен сум што ваквите трендови успеавме да ги доближиме до најмладите генерации. Таблите се дел од еден поголем проект кој започна во 2007 година и во негови рамки се обидуваме да обезбедиме поддршка на Владата во модернизацијата на образованието, рече Сас. 

Денешната донација е дел од проектот на Македонски телеком за унапредување на образованието вреден три милиони евра. Проектот започна во 2007 година со обезбедување компјутерска мрежа во 93 училишта, а продолжи во 2009/2010 година со обезбедување компјутерска мрежа во студентските домови.