Македонија и Унгарија заедно ќе привлекувааат европски пари

Конкретни проекти од областа на енергетиката, туризмот, земјоделството и информатичките технологии беа тема на денешната средба на министерот за економија Ваљон Сарачини со унгарскиот премиер Виктор Орган во Будимпешта.
 
- Премиерот Орбан ми потврди дека кон крајот на мај голема делегација од Унгарија доаѓа во посета на Македонија. Делегацијата ќе биде придружувана од 20 компании кои ќе се обидат со нашите компании да воспостават рамка на соработка за да можат заедно да аплицираат за привлекување европски пари. Очекуваме многу брзо соработката меѓу двете земји да се конкретизира во одредени проекти, рече Сарачини.
 
Во фокусот на денешните разговори во Будимпешта, нагласи, беше ставена изградбата на мали хидроелектрани за кои во Македонија постојат околу 300 интересни локации, како и за изградбата на далекуводите Битола-Елбасан и Скопје-Приштина, јави известувачот на МИА.
 
- Доаѓањето на досега најголемата економска делегација од Македонија во посета на Унгарија е обврска од Договорот за слободна трговија со Унгарија што беше потпишан во 2011 година. Потребно е да се разговара за што е можно повеќе да се интензивира економската соработка со Унгарија, рече Сарачини.
 
Денеска во Будимпешта македонскиот министер за економија копретседаваше со првата седница на Мешовититот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Унгарија заедно со Петер Сијарто, државен министер за надворешна политика и надворешна трговија во Кабинетот на премиерот Виктор Орбан.
 
Во Мешовитиот комитет има претставници од сите клучни институции кои имаат ингеренции во различни сфери од економијата на двете земји, а од македонска страна во Будимпешта е присутна делегација од 25 члена, предводена од министерот Сарачини. Деталите за соработката ги договорат четирите работни групи од двете земји кои имаат средби денеска и утре.
 
Вкупната размена меѓу Македонија и Унгарија е со релативно мал обем и во последните години се движи  меѓу 54 и 58 милиони американски долари со константен дефицит од македонска страна.
 
Во структурата на вкупната рамена на Македонија со светот Унгарија учествува со 0,5 до 0,6 отсто. Само 0,2 отсто од вкупниот извоз на Македонија во светот се реализира во Унгарија, додека од Унгарија се увезуваат 0,7 до 0,8 отсто од вкупниот број на стоки.
 
Македонија најмногу во Унгарија извезува заварени цевки, џемови, овошни желеа, мармелади и згура, а најмногу увезува пченица, поливинил хлорид, бела техника и замрзнато свинско месо. Покриеноста на увозот со извоз во 2011 година изнесува 16,8, а во првите десет месеци од 2012 година 18,3 отсто.