Со воведување меѓународни стандари ќе се подобрува работата на администрацијата

 Министерството за информатичко општество и администрација подготви закон со кој ќе се следи воведувањето  меѓународни стандарди во државните институции, со цел да се обезбеди подобар квалитет на услугите  во државните служби.

Предлог законот за воведување меѓународни стандарди за  управување со квалитет во државните институции и заедничка рамка за  проценка го презентира  денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

- Со овој закон сите државни институции ќе се обврзат  да се трансформираат и да ги корегираат своите работни процеси  со цел да се  добие ефикасно работење во администрацијата, а со тоа  граѓаните да  добијат поквалитетни услуги. Постоечките процеси треба да бидат  заменети со адекватни процеси на развиените западно европски држави, преку сертифицирање  од институции од ЕУ, со што ќе добиеме услужно ориентирана администрација, рече Ивановски.

Како дел од реформите на администрацијата МИОА веќе ги имплементира ИСО 9001 2008 стандарот и Заедничката рамка за проценка на квалитетот (CAF), а 13 нивни вработени се обучени за пренесување на знаењата на останатите институции. Досега 28 институции добиле ИСО стандард 9001 -2008, десет се во завршна фаза, 45 го  почнале првиот чекор, а останатите институции се  во фаза на подготовка  за  старт на негова имплементација.

Владата, најави Ивановски,  ќе формира кординативно тело, со претставници од државната служба со цел да се следат активностите за воведување на стандардите, а административно  техничките работи во тоа тело ќе ги извршува Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Во органите на државната служба ќе се утврдат  едно или повеќе работни места преку кои ќе се координира процесот на воведување на стандардите и инструментите за  управување со квалитет. Лицата што ќе го работат тоа ќе одговараат пред надлежниот орган, а Управниот инспекторат ќе врши инспекциски надзор за спроведување на законот.

Со примената на новиот закон, истакна Ивановски, граѓаните ќе можат да ги следат институциите  дали нивните чекори и мерки кои ги предлагат се соодветни на воведениот стандард. - Ако една институција еднаш воведе стандард тоа не значи дека засекогаш ќе го поседува затоа што  ИСО стандардот треба да се ресертифицира на секои две-три години, најчесто од независни куќи кои прават целосни анализи на работата на тие инстутции. Ако не го почитувале стандарот, нема да добие обнова, појасни министерот.

Од  задутре граѓаните ќе можат да дадат коментари за предложениот закон на веб страницата на Единствениот национален регистар на прописи ener.gov.mk. Заедно со нивните препораки предложениот закон ќе биде доставен до Владата.