Пилот проект за следење на административни предмети преку мобилни технологии

 Министерството за информатичко општество и администрација почна да го спроведува пилот проектот „Воведување систем за следење предмети преку мобилни технологии“ за следење на предметите во администрацијата со користење на бар кодови.

- Станува збор за решение со кое секој документ во администрацијата ќе биде одбележуван со бар код и ќе содржи архивски број со кој ќе може да се следи каде е испратен, колку време  стои на тоа место, кој го потпишал и кој го испратил. Со ова решение администрацијата ќе добие во ефикасност и продуктивност и ќе може да се води ефикасна евиденција кој работи и каде заглавуваат предметите, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната прес-конференција.

Проектот, додаде, првпат е воведен во Финска каде функционира во поголем број градови, а во Македонија најмногу ќе им помогне на малите подрачни единици.

- Решението ќе овозможи секој вработен со користење на својот мобилен телефон кој има камера и интернет, без разлика на моделот, да ги сними документите и да ги испраќа од еден до друг вработен во администрацијата. На крајот на денот ќе може да се извади статистика по часови и по денови за определен документ каде и колку време стоел, појасни Ивановски.

Во напредна фаза, нагласи, податоците ќе ги отвориме за сите граѓани кои откако ќе добијат архивски број и бар код за нивното  барање ќе можат да го скенираат бар кодот и да го видат статусот на предметот и каде стои на потпис.

- Со воведување на овој систем нема да има потреба граѓаните да доаѓаат во институциите и да прашуваат до каде е нивното барање, туку и самите ќе можат да видат каде е заглавен нивниот документ, истакна Ивановски.