Средба на министерката Јанкулоска со македонски граѓани во Шведска

Во рамки на својата работна посета на Кралството Шведска, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера во просториите на друштвото „Гоце Делчев“ се сретна и со претставници на нашата иселеничка заедница во оваа скандинавска земја.

На средбата на која присуствуваа голем број наши иселеници, покрај за актуелните општествени состојби, министерката Јанкулоска ги информираше претставниците на дијаспората и околу новините и можностите за аплицирање и добивање македонски биометриски документи преку македонските дипломатско-конзуларните преставништва.

Притоа, беше посочено дека според важечките законски прописи, македонските граѓани кои го одјавиле своето живеалиште во Македонија, поради тоа што престојуваат во странство подолго од три месеци, немаат право на вадење лични карти, па оттаму и нејаснотиите и извесните проблеми со кои се соочуваат нашите иселеници при престој во татковината, без оглед што на иселениците им е доволно да поседуваат биометриски пасош како идентификационен документ.

На средбата во друштвото „Гоце Делчев“ присуствуваше и македонскиот амбасадор во Шведска, Кире Илиоски, која ја искористи можноста да информира, меѓу другото, околу подготовките за реализација на годинашната програма на манифестацијата Денови на македонската култура во Шведска.