Ставрески: Со измените на проектот „Купи куќа, купи стан“, зголемен интересот за изградба на куќи

Зголемен интерес од страна на граѓаните и на градежните компании за изградба на куќи и типски населби очекува Владата со измените на проектот „Купи куќа, купи стан“.

Како што истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, покрај зголемувањето на субвенционирањето од страна на Владата од 50 на 75 проценти во ратата за првите пет години, се овозможува по толку многу години да се реновираат или да се урнат бараките во коишто живеат голем дел од граѓаните во Скопје како што се Карпош, Тафталиџе, Влае и слично и на нивно место да се изгради куќа.

- Ова побудува голем интерес и во изминативе денови веќе имаме повици, мејлови и слично. Верувам дека на граѓаните ќе им излеземе во пресрет преку овој проект, рече Ставрески по средбата со претставници ССК, на приватни инвестотори вклучени во проектот и на градоначалниците на општините Гази Баба, Илинден и Сопишта на која биле разгледани измените на проектот.

Третата измена, пак, што е направена на барање на граѓаните - да не се враќаат средствата што се субвенционираат по 10-тата година ако граѓанинот предвреме реши да го врати кредитот, според Ставрески, исто така ќе го направи поатрактивен овој проект.

- Направивме конкретна програма за тоа колку и каде во наредниот период ќе може да се понудат локации, плацеви и парцели за изградба на индивидуални куќи, но и на помали типски населби каде што приватен инвеститор ќе изгради еден блок или повеќе блокови на куќи и потоа ќе ги продава на граѓаните по цена  која што, се разбира, ќе биде пониска отколку ако секој сам гради, појасни Ставрески.

Според него, за можноста за изградба на типски населби, покрај во скопските општини, станало збор и на средби со градоначалници во Прилеп, во Битола и во други општини каде што има урбанизирано парцели за изградба на 200 до 300 куќи, а чија што продажба верува дека ќе биде интензивирана со измените на владиниот проект „Купи куќа, купи стан“.

Според Златко Калеников, претседател на Сојузот на стопански комори, измените на проектот „Купи куќа, купи стан“ се атрактивни и за граѓаните и за градежните компании, а особено интерес се очекува да предизвикаат кај микро, малите и средните претпријатија.  

- Овие измени го прават проектот атрактивен до тој степен што од земјотресот до денес ваков проект во земјава немало во Република Македонија. Тој остава простор за сите граѓани во Скопје кои имаат бараки кои не се во добра состојба за живот, а немале услови и примања да ги доизградат или реновираат, сега им се дава можност да аплицираат за овој проект. Со тоа се дава можност на нашите членки микро и мали претпријатија заедно со банкарскиот сектор да направат бизнис-модел и понуда на пазарот за реновирање или изградба на постоечки бараки на голем број скопски семејства, рече Калеников.

Од Градежната комора при ССК особено се заинтересирани за тоа како да се распишуваат тендерите за изградба на блокови од 20, 30 или 50 типски куќи кои би се дале на оглас каде ќе може мали и средни претпријатија да влезат во изградба на типски куќи. Според претставникот на таа Градежна комора, со изменетите услови за проектот ќе се намали и притисокот во однос на банкарската гаранција бидејќи Владата презема 75 проценти од ратата во првите пет години од исплатата на кредитот.

Што значат измените воведени во проектот „купи куќа, купи стан“ се гледа од примерот со инвеститорот Хот и хот, кој лани понуди цена од 280 евра за метар квадратен. При купување на куќа од 100 метри квадратни, нејзината изградба би чинела 28.000 евра и заедно со екстраповолните  услови понудени од градоначалниците, вклучувајќи ги и комуналиите, би достигнала 35 до 37.000 евра во зависност од општината. Ако се одбере моделот половина рата, учеството треба да го даде инвеститорот, односно корисникот на субвенцијата и кога ќе се одземе учеството и сумата за првите пет години кои се субвенционираат од Владата, на крај останува една цифра од 20-тина илјади евра која треба да се отплати по петата година, односно колку што изнесува долгот на самиот корисник на кредитот кон банката. Со 20.000 евра кои треба да се вратат за 15 години, се проценува дека ризикот е минимален, бидејќи тој објект од 100 метри квадратни на земјиште до 450 метри квадратни вреди многу повеќе, затоа што земјиште веќе не е едно евро за метар квадратен, колку што сега го нудат општините, туку има пазарна цена. Со тоа гаранцијата за самиот објект е најмалку еден спрема два во однос на долгот што го има граѓанинот.    

Инаку, како што оцени вицепремиерот Ставрески, според досегашниот модел проектот „Купи куќа, купи стан“ беше поатрактивен за купување станови, а по направените измени тој станува поинтересен за изградба на индивидуални куќи и типски населби. Разговорите со банките, пак, вели одат во насока овој бизнис модел да се вклопи во нивната политика и тие поамбициозно да одат со одобрување на станбени кредити за куќи, бидејќи ризикот на товар на банката сега е значително намален.