Јанкулоска во Стокхолм се сртена со шведскиот министер за миграции и азил, Билстром

Актуелните состојби со визната либерализација и повеќе прашања од билатерален интерес беа тема на денешната средба во Стокхолм меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Тобиас Билстром, министер за миграции и азил во владата на Кралството Шведска.

Од страна на Билстром, информираат од МВР, беше потенцирано дека досега ниту еден барател на азил од Република Македонија не добил азил во Кралството Шведска и дека нивните служби во моментот се фокусирани околу проблемите со бегалците од Сирија, Иран, Сомалија. Било нагласено дека проблем преставуваат барањата за азил од граѓани од повеќето земји од Западен Балкан со кои се пролонгираат процедурите за азилнатите од земјите од Блискиот Исток и Африка кои имаат реална потреба од азил.

Според Билстром, од Република Македонија годинава во Шведска азил побарале 43 граѓани, додека лани таа бројка изнесувала 643. Сите барања биле одбиени.

Министерката Јанкулоска ја претстави низата превентивни и репресивни мерки што МВР и другите државни институции ги преземаат во насока на анулирање на појавата на злоупотреба на визната либерализација. При тоа беше посочено дека од стапувањето на сила на новите мерки, вклучително и соодветните легислативни измени македонските институции не им дозволиле излез на 7.857 граѓани за кои согласно Законот за гранична контрола постоело сомневање дека имале намера да ја злоупотребат визната либерализација.

На средбата заеднички било констатирано дека ваквите активности треба да продолжат во континитет, особено со засилени гранични контроли во одредени периоди во годината кога е евидентно зголемувањето на патувањата.

Министерката Јанкулоска во Стокхолм се сретна и со државниот секретар на министерството за правда на Кралството Шведска Магнус Гранер.

Во рамки на посетата на Кралството Шведска, предвидено е министерката Јанкулоска да оствари средби и со претставници на нашата иселеничка заедница во оваа скандинавска земја, а ќе го проследи и отворањето на „Балкан филм фестивал 2013“.