Зголемени субвенциите од Владата за проектот „Купи куќа, купи стан“

Владата ги подобри условите за проектот „Купи куќа, купи стан“,  зголемувајќи ја субвеницијата од  50 на 75 проценти  за изградба на нова куќа. Субвенцијата со новите измени ќе достигне и до 15 илјади евра, а целта е дополнително да се стимулира продажбата на куќи.

Измените, како што соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески Владата ги донесе на последната владина седница, кои ќе се однесуваат кредити одобрени за куќи.

- Согласно новите измени во моделот половина рата, Владата ќе субвенционира 75 проценти, наместо досегашните 50 проценти од месечниот ануитет. Притоа, субвенцијата за кредит за изградба или купување нова куќа во висина од 50.000 евра ќе изнесува 15.030 евра, при што ратата изнесува 330 евра од кои 247 евра во првите три години ги плаќа Владата, а граѓанинот 83 евра. Приближен е износот и во четврата и петтта година, рече Ставрески.

Во моделот „половина учество“ досега поддршката беше 50 проценти, а сега е исто така 75 проценти како и кај претходниот модел со што на кредит од 50.000 евра субвенцијата ќе изнесува 9.375 евра.

- Веруваме дека овие измени ќе придонесат за поголемо користење на средствата од овој проект за изградба на куќа, што исто така ќе придонесе  и за развој на типски населби кои во изминатиот период ги промовираат општините, а се новитет во Македонија, истакна Ставрески.

Втората можност со измените е да се изгради нова куќа на место на веќе постоечка стара или помала куќа, што, како што рече министерот, е на барање на граѓаните. - Примивме 100-тици мејлови и телефонски повици поврзани со ова и штом постои изразена потреба од граѓаните ние се решивме да ја прифатиме. Од сега ќе може да се користи и за ваква намена каде има ситуација повеќе семејства да живеат на еден простор кои ќе може да го искористат кредитот за изградба на нова куќа или да срушат еден дел и да изградат поголема, појасни Ставрески.  

Измените овозможуваат и при предвремено враќање на кредитот да не се врати субвенцијата добиена од државата. Таквата можност е дадена по 10-тата година од отплата на кредитот. – Доколку граѓанинот користел субвенцијата и по 10 години живеење во таа куќа или стан му се создадат услови да го врати кредитот нема да има потреба да ги враќа средствата добиени од државата, рече минситерот за финансии, додавајќи дека оваа одредба важи и за старите и новоодобрените кредити откако ќе стапат во сила измените.  

Вицепремиерот оцени дека ова се три крупни измени кои се направени во голем дел по барање на граѓаните. Овозможивме, потенцира, да се корегира законот во делот на куќата и да се приспособи на потребите на граѓаните,  а особено што во овој дел има дополнителни трошоци во однос на обезбедување земјиште и слично.

Ставрески истакна дека ќе нема измени во делот на критериумите за добивање на кредитот што се однесуваат на висината на месечните примања и цената на метар квадратен. Остануваат на 900 евра,  од причина, како што рече министерот, што проектот е наменет за граѓани кои имаат извесен приход, кои не се социјални категории,  но немаат доволен приход сами да го решат станбеното прашање.
 
Проектот е повеќегодишен и, како што појасни министерот,  сега со измените ќе  се направи рамка на почетокот на годината да се носи програмата и да се објавува, а на секои 45 дена Министерството за финансии  ќе ги разгледува пристигнатите барања и ќе одлучува по нив за да не чекаат граѓаните цела година. 

Проектот „Купи куќа, купи стан“ почна да се реализира од јануари минатата година и досега се одобрени 130-тина субвенционирани кредити.