Владата издвои 615 илјади денари за првична санација на Трескавец

Со одлука на Владата исплатена е еднократна интервентна парична помош во износ од 615 илјади денари за  санирање на првичните последици од пожарот во манастирскиот комлекс Трескавец.

Владиниот портпарол Александар  Ѓорѓиев попладнево изјави дека Владата на денешната седница го задолжила Министерството за култура најдоцна за еден месец да изработи комплетен проект за реконструкција и рестарвација на целокупниот манастирски комплекс, односно деловите кои беа опожарени во пожарот.

Очекуваме, наведе Ѓорѓиев, проектот по изработувањето да биде ставен во функција. 

- На Министерството за транспорт и врски и на Јавното претпријатие за државни патишта  им е наложено да се интензивира работата за изградба на патот кој води до манастирскиот комплекс Трескавец и очекуваме динамиката да биде засилена затоа што патот е потребен за вршење на градежните работи за реконструкција и реставрација на овој објект, рече  Ѓорѓиев.

По изработката на проектот за реконструкција и реставрација на опожарениот дел на манастирскиот комплекс Владата, најави портпаролот, согласно проценките и потребите кои ќе бидат дефинирани во рамки на овој проект ќе излезе со дополнителна финансиска поддршка која ќе значи инвестиција на средства во изведување на градежните работи за реконструкција и обновување на опожарениот дел на  манастирскиот комплекс.