Поволностите за инвестирање презентирани во Турција

Министерот за странски инвестиции, г-дин Бил Павлески и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, г-дин Висар Фида на 31 јануари 2013 година, по завршување на својата посета во Индија, каде учествуваа на Глобалниот партнерски самит во Агра, Утар Прадеш, реализираа работна посета на Истанбул, Република Турција.  


За време на престојот, министерот Павлески и директорот Фида учествуваа на Тркалезна маса во организација на Македонско - Турскиот деловен совет (DEIK), кој е дел од Асоцијацијата на комори и берзи на Турција, и на Генералниот конзулат и економскиот промотор во Истанбул.


На настанот беа претставени поволностите за инвестиции, како и  придобивките од отворање и водење бизнис во Македонија. Настанот е од исклучителна важност, бидејќи до информациите кои беа споделени, пристап ќе имаат околу 1 300 000 компании членки на асоцијацијата. Покрај турските компании кои се потенцијални инвеститори, на настанот присуствуваа и компании кои веќе инвестирале во нашата земја и кои имаа можност да го споделат своето досегашно искуство.


 На маргините на настанот, министерот Павлески и директорот Фида остварија средба со претседателот на Македонско - Турскиот деловен совет, г-дин Хасан Хосбен, почесниот конзул за Измир и Маниса и член на Управниот одбор на Елгинкан Холдинг, г-дин Гаје Акчен и претседателот на Управниот одбор на Асчиоглу Холгинг, г-дин Јасар Асчиоглу.

Исто така, тие се сретнаа и со г-дин Аккан Сувер, претседател на Фондацијата Мармара, која е организатор на Евроазискиот економски форум на кој во изминатите години учествуваа Претседателот на Република Македонија, како и голем број високи владини претставници. Г-дин Сувер упати покана до министерот Павлески и директорот Фида за учество на претстојниот форум кој ќе се одржи во април оваа година во Истанбул, во чии рамки би се организирал посебен панел на кој ќе се презентираат условите за инвестирање во Македонија и актуелните инвестициски проекти.

Воедно, министерот Бил Павлески оствари куса средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, г-дин Ахмет Давутоглу, на која беа потенцирани одличните пријателски односи помеѓу двете земји и можностите за понатамошна трговска и инвестициска соработка.