Отворена бесплатна линија за пријавување корупција во Министерството за одбрана и АРМ

Од денеска отворена е бесплатната анонимна телефонска линија 0800-50030 на која ќе може граѓаните да пријават секаква појава на мито и корупција во рамките на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

Како што соошти Министерството за одбрана, станува збор за реализација на проектот „Пријави корупција“, чија цел е навремено и целосно исклучување на можноста од појава на корупција и спречување на ризиците од оваа несакана појава во институциите кои уживаат најголема доверба во Република Македонија.

Освен на споменатата телефонска линија, граѓаните пријава можат да поднесат на веб-страницата на Министерството, www.morm.gov.mk (анонимно, преку пополнување електронски формулар) или, пак, преку е-пошта на: prijavikorupcija@morm.gov.mk.

Република Македонија е активна на планот на борбата против корупцијата во одбраната и во рамките на иницијативите на Северноатлантската Алијанса, со учеството во „Иницијативата за градење интегритет“ на НАТО.

- Процесите за интеграција на Република Македонија во евроатлантските структури и бескомпромисната борба против корупцијата се едни од најважните стратешки цели на Програмата за работа на Владата на Република Македонија за периодот 2011-2015 година, стои во соопштението од Министерството за одбрана.