Гасифицирани СУГС „Георги Димитров“ и „Здравко Цветковски“, енергетската ефикасност на училиштата приоритет за МОН

Средните училишта „Георги Димитров“ и „Здравко Цветковски“ во Скопје добија нови котли на гас за загревање на своите простории. Инвестицијата за овие две училишта е околу 6,5 милиони денари. До крајот на годината ќе се гасифицираат уште „Зеф Љуш Марку“ и „Арсени Јовков“.

Министерот за образование и наука Панче Кралев и скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го посетија СУГС „Георги Димитров“ со што ја означија гасификацијата.

Трајановски информира дека претходно во СУГС „Георги Димитров“ имало парно греење, преку Топлификација, а училиштето плаќало годишно околу 4,5 милиони денари за загревање.

- Сега, со загревањето на гас трошоците на ова училиште ќе бидат околу 45-50 отсто помали. Покрај „Георги Димитров“ и СУГС „Здравко Цветковски“ ќе се загрева на гас. Инвестицијата за овие две училишта е околу 6,5 милиони денари. Изведувач на работите е „Гама“, изјави Трајановски по посетата на СУГС „Георги Димитров“.

Тој додаде дека за загревање на СУГС „Здравко Цветковски“ годишно се плаќало околу 6 милиони денари, а со гасификацијата, како што рече, ќе се заштедат околу 3 милиони денари.

Трајановски најави дека годинава ќе се гасифицираат уште неколку средни училишта „Зеф Љуш Марку“ и „Арсени Јовков“ бидејќи се најблиску до гасификациската мрежа. Додаде дека Град Скопје изминативе четири години вложил околу 80 милиони денари за подобрување на условите за средношколците, во 21 средно училиште. Реконструирани се покриви, променети се прозорци, врати, подови, клупи, санитарии, електрични инсталации...

- Гасификацијата е еден модерен начин на загревање кога се работи за јавни установи, побезбеден и поенергетски ефикасен, но и посигурен. Генерално енергетската ефикасност на училиштата во Македонија останува приоритет за МОН. Се работи на проектирање за реконструкција на над 130 училишта. Таа фаза е завршена и следниот период ќе биде распишан тендер за реконструкција на овие 132 училишта или 192 градежни зафати на територија на цела држава, изјави министерот Кралев.

Програмата за реконструкција и изградба на нови училишта веќе е излезена, истакна Кралев, а согласно условите и можностите кои претстојат, во рамки на локалните избори, така ќе се распишуваат тендерските постапки. Кралев очекува годинава да биде успешна за изградба и реконструкција на училиштата во Македонија.

Тој потенцира дека Град Скопје е поуспешен од останатите локални самоуправи во Македонија кога станува збор за инвестиции во образованието и додаде оти тие се предводници на многу проекти и иницијативи кои се спроведуваат.

На новинарско прашање кога ќе бидат отстранети училишните табли нелегално поставени во општина Чаир министерот Кралев рече дека по судската развршница ќе бидат преземени дополнителни мерки.