Димовски на Самит на министри за земјоделство во Берлин, Германија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во Берлин, Германија присуствуваше на 5-тиот Самит на министри за земјоделство, кој е дел од „Зелена недела“.

Во фокусот на годинашниот Самит на министри, како што информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беше прифаќањето на фактот дека земјоделството игра клучна улога во исхраната на популација која на глобално ниво се повеќе расте и е неразделно поврзано со искоренувањето на сиромаштијата, особено во земјите во развој.

На Самитот се стави акцент и на тоа дека инвестирањето во одржливо земјоделство и рурален развој е од суштинско значење за да се оствари правото на соодветна храна.

Се потврди фактот дека глобалното затоплување и десертификацијата, како и урбанизацијата на земјоделското земјиште, негативно влијае врз производството на основни прехранбени производи, особено во земјите во равој.

Со цел да се зголеми земјоделското производство и приходите, се потенцираше потребата за зголемување на одговорни јавни и приватни инвестиции, меѓу другото, во одржливо земјоделство, рурален развој, управување со земјиштето и водите и руралната инфраструктура. Покрај тоа се препорача формирање на земјоделски синџири на вредности и урбано-руралните врски, соодветен транспорт и капацитети за складирање, ефикасна био-сигурност која не ја уништува трговијата, ветеринарни и фитосанитарни контроли, како и соодветни технологии со кои особено ќе се намалат загубите и скапувањето на храната по жетвата. Препорачано е и повечќе вложување во  истражување, генерирање иновации и технологии од страна на јавни универзитети и истражувачки институции, како и формирање ефикасни и оперативни служби за земјоделскиот сектор, како на пример ветеринарни услуги. Се препорачува и одгледување на семе со најдобар квалитет за одредени региони, основање на советодавни служби заради трансфер на технологија за да се промовираат добрите практики во управувањето со земјоделските стопанства, и развивање нови и соодветни финансиски инструменти наменски креирани за развој на земјоделството, вклучувајќи го и соодветно управување со ризици.

Сите заклучоци кои беа донесени на годинешниот Самит на министри беа со цел да се забрза прогресивната реализација на правата за соодветна храна.