Министерот Ристовски на василичарско славење со децата од Домот „11 Октомври“

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска присуствуваше на одбележувањето на традиционалниот василичарски обичај во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“.

- На покана на децата, денеска сум овде. На нивна иницијатива го одбележавме празникот Василица и заеднички кршевме лепче со паричка. Паричката се падна кај едно од дечињата, Бона, на која и посакувам здравје, среќа, успех во животот и бериќетна година, рече Ристовски и додаде дека Бона е дете кое минатата година е дислоцирано од улица и е без родители.  

Децата без родители, како што нагласи, се грижа на сите нас и заедничкото прославување на празниците е посебно значајно за нив, бидејќи на тој начин можат да почувствуваат љубов и да ги видат убавините на верските празници во Република Македонија.

Директорката на Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ Ристенка Атанасова изјави дека во нивната институција ги одбележуваат сите празници.

- Убаво е да ги одбележиме овие денови. Нашите деца немаат родители, но ние сме овде да ги научиме на нашите традиции, а со тоа ќе ја зајакнеме и мултиетничката толеранција. Преку обичаите ние ќе научиме да се почитуваме меѓу себе, а со тоа ќе ја јакнеме и толеранцијата на дечињата, рече Атанасова.

Во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ престојуваат 62 деца, од кои две групи се на зимување.