Груевски: Легитимитет дава народот, за шест години три пати победуваме на парламанетарни избори

Легитимитет дава народот на избори. ВМРО-ДПМНЕ победи три пати на парламентарните избори организирани во изминатите шест години, а секој обид од страна на СДСМ да се покаже нелегитимна оваа власт е само обид за манипулација со граѓаните,кој нема да им успее, изјави премиерот Никола Груевски.

- Довербата и легитимитетот се добива на избори. Во овие шест-шест и пол години во минатото имавме трипати парламентарни избори. Во три наврати граѓаните ја дадоа поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, така што приказната дека 24 е некаков нов момент, во кој што се губи легитимноста е само вадење на неуспешниот обид на Бранко Црвенковски и на неговите приврзаници да направат узурпирање, насилно, надвор од волјата на граѓаните на Парламентот и на власта, кое не им успеа, и сега се обидуваат понатаму низ хаос да изманипулираат со граѓаните. Тоа нема да им успее, рече Груевски по по пуштањето во употреба на спортска сала во Средното учулиште „Зеф Љуш Марку“ во општина Бутел.

Според него, СДСМ, најпрвин направи тежок инцидент на 24 декември, за подоцна тој инцидент да го претвори во обвинување кон властите и заради тоа да ја прогласува за нелегитимна и заради нелегитимноста да се оделе на предвремени парламентарни избори.

- Луѓето гледаат дека тоа е една тешка манипулација од СДСМ. Што требаше ние да направиме на 24 декември, дали требаше да ги оставиме да го претепаат претседателот на Собранието, да го демолираат Собранието или комплетно физички да го блокираат Собранието на РМ. Јасно е дека СДСМ на тој ден имаше неуспешен обид за насилно преземање на Парламентот, а со тоа и насилно преземање на власта, кој беше неуспешен. Сега гледаат од сето тоа да извлечат што можат друго и да направат што може поголем хаос, смета премиерот Никола Груевски.