Груевски: Бранко се плаши од немањето поддршка од народот и крајот на својата кариера

Инсистирањето на СДСМ за одржување на парламентарни заедно со локалните избори е обид на Бранко Црвенковски за избегнување негово лично соочување со нов неуспех на локалните избори и со крајот на неговата политичка кариера изјави премиерот Никола Груевски.

- Посакуваме и повикуваме опозицијата да си се врати во Парламентот, таму каде што и е местото, таму каде што треба да има дијалог и треба да се решаваат проблемите. Да седнеме и да разговараме да најдеме решение  за сите проблеми, но низ дијалог, а не со тепачки, боксови, кршење чаши и не со тегнење и кинење на миркофоните, со закани, навреди, клевети и тн, како што доликува во секоја демократска земја. Да се врати во Парламентот и секако да си излезат  на локалните избори, да не бегаат од локални избори. Јас на почетокот кажав дека овој обид што го направи Бранко Црвенковски практично е обид, за избегнување негово лично соочување со нов неуспех на локалните избори, со нов пораз на СДСМ, негов личен пораз со кој тој лично потоа нема да знае што да прави. И затоа го втурна и СДСМ во едно вакво сценарио. За жал, ја втурна и целата држава и тоа ќе биде спречено. Тој вели ќе одиме до крај ама всушност ќе дојде до крајот на својот политички ангажман односно на својата политичка кариера.