Плаќањето по успешност останува, повисоки плати за докторите специјалисти

Анексот на колективниот договор што доцна синоќа го потпишавме е резултат на повеќемесечни напорни, понекогаш можеби тензични, но и многу конструктивни разговори и преговори кои ги имавме со репрезентативниот синдикат и со останатите синдикати за здравство, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

Во текот на разговорите, посочи тој, беа таргетирани неколку точки околу кои имамвме различни ставови и околу кои се водеше најтешката дебата.

- Она што за мене претставува големо задоволство е тоа што можам да кажам дека имаме едно компромисно решение кое никого не треба да претстави како победник ниту како губитник. Основната цел е да победи реформата и принципот на реформата, а без при тоа да бидат нарушени барањата односно интегритетот на здравствените работници во овој случај докторите специјалисти, рече Тодоров.

Тој истакна дека прва и најважна придобивка од Анексот на колективниот договор е корекцијата на коефициентите на докторите специјалисти и заради овозможување на постигнување на соодносот од 2:1, кој е минимален стандард секаде во светот, а беше нарушен во претходниот период со претходна корекција на коефициентите на другиот персонал кој работи во здравствените установи.

- Договорена е да има корекција на коефициентите заради постигнување на овој сооднос од 19,2 проценти кој ќе се реализира на три етапи - првата почнувајќи од февруари од 4,8 проценти, втората исто така 4,8 проценти почнувајќи од ноември и третата од 9,6 проценти почнувајќи од мај 2014 година. Втората битна работа е Договорот за т.н. квартална пресметка, потенцира Тодоров.

Според него, тоа е еден модус или модалитет кој практично овозможува овој проект на плаќање по успешност да се имплементира на начин на кој просекот од успешноста на здравствениот работник доктор специјалист од трите месеци да биде основ за исплаќање плата во наредниот месец (од јануари, февруари и март просекот ќе се исплати во април) итн.

- Ова овозможува навремена корекција на работењето на секој здравствен работник. За овие три месеци сите вработени во јавното здравство каде се применува овој концепт ќе имаат 100 проценти плата. Третата придобивка која беше усогласена меѓу синдикатите е зголемувањето на прагот на толеранција кој беше од 0,98 до 1,01 и во него сите лекари специјалисти кои ќе се најдеа во него земаа 100 проценти плата, посочи Тодоров.

Се договоривме, како што рече, овој праг на толеранција да го прошириме од 0,96 до 1,02 онаму каде има три и повеќе доктори, а да го зголемиме прагот од 0,94 до 1,05 во ситуација кога има двајца доктори.

Тој појасни дека следна придобивка е воведување на централен администратор кој ќе биде одговорен лично за навремено и точно внесување на податоците со цел докторите да не бидат приморани да имаат дополнителна административна обврска. Администратор ќе има минимум еден во секоја здравствена установа.  

- Заеднички консензус беше ставањето на обврска на директорот на барање на работникот да му овозможи остварување на основната плата односно остварување на коефициент 1, а во спротивно доколку не му го овозможи тоа има обврска да му ја исплати на работникот загарантираната основна плата од 100 проценти. Идејата е да не се овозможи директорот преку свој субјективизам да влијае на примањата на работниците со тоа што некои од докторите ќе ги оневозможи да имаат нормална работна успешност (ќе ги оневозможи да имаат доволен број амбулантски денови или оперативни денови), истакна Тодоров.

Истакна дека заеднички бил консензусот да имаат обврска директорите да им дадат можност за увид на докторите во целиот систем и оти се усогласиле оние доктори кои се на дежурство и оние кои работат во ургентните служби да имаат загарантиран учинок 1.

- Ова е битно за да не се овозможи да има можност за лотарија односно да нема можност за ситуација доколку еден доктор е на дежуство и дента има 20 случаи тој да оствари учинок многу поголем во однос на неговиот колега кој наредниот ден ќе биде на дежурство и на неговото дежурство ќе има еден или двајца случаи, рече Тодоров.

Се договориле дека треба да водиме сметка и за квалитативниот аспект на функционирање и во Колективниот договор да биде вградена одредба со која се гарантира дека Министерството во соработка со Лекарската комора, стручните здруженија итн. ќе работи на воведување индикатори за квалитет на ниво на здравствена установа и на национално ниво односно на ниво на Република Македонија.

- Во Колективниот договор се внесе и уште една одредба врзана за бодовниците. Се пропишува тежинските коефициенти да бидат направени така да ќе се овозможи потешките интервенции да носат повеќе бодови од полесните, додаде министертво за здравство Никола Тодоров.